Со пет претстави и богата програма, утре, започнува 22 издание на ИФАД „Стоби“ во Велес

Објавено на 28 октомври, 2025 во 14:20

Со пет театарски претстави кои ќе ја оживеат античката драма на сцената на Народниот театар „Јордан Х.К. Џинот“, оваа година ќе се одржи 22. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Фестивалот, кој претставува една од најзначајните културни манифестации во Велес и пошироко, ќе трае од 29 октомври до 5 ноември.

Од Велешкиот театар известуваат дека свеченото отворање ќе се одржи на 29 октомври, среда, со претставата „Агамемнон: Кругот на крвта“, продукција на LA MAMA Experimental Theatre Club од Њујорк, САД — еден од најреномираните театарски центри во светот.

Втората фестивалска вечер, ќе биде на 30 октомври, во четврток и на сцената ќе настапи Театар Куманово со претставата „Калигула“, класично дело кое ја истражува моќта, апсурдот и човечката слабост.

Ден потоа, во петок, на 31 октомври, љубителите на театарот ќе можат да ја проследат италијанската продукција „Нешто големо“ на Accademia Mediterranea Dellatorre, која носи современ поглед на темите од античката естетика и филозофија.

По кратка пауза, фестивалот продолжува на 4 ноември, вторник, со претставата „Ифигенија за ништо“, во продукција на Драмски театар Скопје, инспирирана од митот за жртвата, љубовта и судбината.

Свеченото затворање на фестивалот ќе се одржи на 5 ноември, среда, со претставата „Лекција“ во продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – театар Штип, со која ќе биде заокружено ова богато и меѓународно издание на фестивалот.

Сите пет претстави ќе започнуваат во 20:00 часот и цената на билетот за секоја од нив изнесува 200 денари. Публиката може да ги набави билетите на билетарница.

Фестивалот се реализира во организација на Народниот театар „Јордан Х.К. Џинот“ – Велес, со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Велес со вкупно 1.300.000 денари.

Велес уште еднаш ја потврдува својата титула како град на културата – место каде античката драма, современата уметност и меѓународната соработка се спојуваат во едно.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.