Собрани 99 крвни единици во еден ден, организаторот на акцијата – ЗГ „Велес бајкинг“ е задоволен

Објавено: 1 декември, 2025, во 11:00 часот

Кога пред седум години одлучија подигнувањето на јавната свест на Велешани за користење на  велосипед да го спојат со покажување на хуманост преку крводарување, членовите на Здружение на граѓани „Велес бајкинг“ не можеа да претпостават дека на крводарителска акција ќе успеат да соберат 99 крвни единици. Но тоа се случи, на вчерашната, акција за крводарување на која освен членовите на граѓанското здружение дојдоа и својата хуманост ја покажаа нивни членови на семејства, поддржувачи и пријатели.

-Прво сакам да се заблагодарам на сите кои учествуваа во акцијата која има една цел да спасиме човечки животи. Тоа што постигнавме вака висок одзив се должи на веќе изградените  мотивациски способности на членството во здружението. Како мотиватор, доброволец на велешки Црвен крст, јас секогаш сум посветувал внимание за оваа улога не само во „Велес бајкинг“ туку и во заедницата во која живееме сите ние спортистите велосипедисти. Така и ќе продолжиме со тоа што веќе вгодина, ќе организираме се надевам уште по масовна осма крводарителска акција, рече Зоран Јаневски претседател на „Велес бајкинг“.

Крводарителската акција се одржа вчера, во фоаје на велешки Театар каде од вкупно 110 пријавени крв даруваа 99 велосипедисти и граѓани. Од нив 10 за прв пат. Исто така, во вкупниот број на собрани крвни единици, учествуваа 16 велосипедисти и од нив тројца се нови крводарители.

-Тоа што во целост не се исполни предвидената бројка е само затоашто 11 пријавени веќе дарувале крв, претходно, и не е истечен здравствениот рок за повторно да даруваат крв, додаде Јаневски.  

Од ова здружение на граѓани, заблагодарувајќи се на соработката со Општинската организација на Црвен крст во Велес, потенцираа дека крводарителството ги развива хуманоста и солидарноста на граѓаните, а особено на младите и во исто време придонесува за подигнување на нивото на здравствената култура и јавната свест. Од тие причини мотивирањето на населението за доброволно дарување на крв е исклучително важно за градење позитивен однос кон крводарувањето.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.