Сојузот на дијабетичари бара итно зголемување на бројот и квалитетот на инсулинските пумпи во новата јавна набавка

Објавено на 5 мај, 2025 во 11:35

Сојузот на здруженија со лица со дијабетес во Северна Македонија достави официјално барање до Владата, Министерството за здравство и Националната комисија за дијабетес, со кое се бара значително зголемување на бројот на корисници на инсулински пумпи и гаранција дека новите уреди ќе бидат современи и ќе ги исполнуваат минималните меѓународни стандарди за квалитет, безбедност и ефикасност.

СЗДСМ апелира дека при претстојната јавна набавка за 2025 и 2026 година, мора да се набават напредни хибридни затворени системи (AID) – инсулински пумпи кои се поврзани со систем за континуирано мерење на гликемија и преку автоматизиран алгоритам индивидуално ги регулираат дозите на инсулин, овозможувајќи континуирана и прецизна контрола на гликозата во крвта. Ваквите системи претставуваат најсовремено технолошко решение во третманот на тип 1 дијабетес и се препорачани од водечките меѓународни тела како Американската дијабетолошка асоцијација и Европската асоцијација за третман на дијабетес.

Во моментов, само околу 300 пациенти со тип 1 дијабетес во земјава имаат пристап до инсулински пумпи, што е далеку под потребите на над 3.500 потенцијални корисници. Ваквата состојба ја загрозува здравствената стабилност на пациентите, го зголемува ризикот од тешки компликации и создава дополнителен финансиски притисок врз здравствениот систем.

-Нашата држава мора да обезбеди пристап до напредни уреди кои спасуваат животи и овозможуваат квалитетен живот. Овие системи се најблиску до вештачки панкреас и значат целосна трансформација во грижата за лицата со дијабетес. Не бараме луксуз, туку основна и правична здравствена грижа. Сите земји од регионот – Словенија, Хрватска, Србија – веќе ги вклучија AID системите во јавните набавки. Северна Македонија не смее да заостанува, изјави претседателот на СЗДСМ, Димче Велев.

Овие системи не само што спречуваат ретинопатија, нефропатија и други сериозни компликации, туку овозможуваат и значителни директни заштеди во долгорочното трошење на здравствениот буџет, преку намалена потреба од хоспитализации, интервенции и хронична нега.

-Со инсулинска пумпа, лицата со дијабетес тип 1 можат да живеат нормално – да учат, работат, спортуваат и да придонесуваат во општеството. Наместо да бидат зависни од здравствениот систем, тие стануваат активни и продуктивни граѓани, потенцира Велев.

Сојузот повикува институциите да дејствуваат итно и со одговорност, не само за здравјето на овие граѓани, туку и за иднината на националниот здравствен систем. Тие нагласуваат дека ова не смее да остане само уште една точка на хартија или тема за политичка расправа, туку приоритет што бара реализација.

-Време е да се прекине циклусот на неодлучност и да се обезбеди континуирана, современа и квалитетна терапија за секое лице со тип 1 дијабетес во земјата, завршува СЗДСМ во своето барање.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.