Сообраќајна акциска контрола во Велес – Санкционирани 53 прекршоци, одземени 13 мопеди и мотоцикли

Објавено: 9 јули, 2025, во 16:23 часот

Во ноќните часови на 8 кон 9 јули, во периодот од 19:00 до 01:00 часот, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес спроведоа засилена акциска контрола насочена кон возачи на мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и електрични тротинети.

-Во рамки на контролата, која се реализираше на поширокото подрачје на градот, беа констатирани вкупно 53 прекршоци. Од нив, осум се однесуваат на управување возило без положен возачки испит, четири за технички неисправни возила, четири поради необновена регистрација, а дури 20 за неносење заштитен шлем. Останатите се однесуваат на различни видови сообраќајни прекршоци, соопштија од СВР Велес.

Како резултат на контролата, полицијата привремено одзеде 13 мопеди и мотоцикли. Возилата ќе бидат упатени на вонреден технички преглед за проверка на техничката исправност и бучавоста.

Од СВР Велес најавуваат дека ваквите акции ќе продолжат и во наредниот период, со цел унапредување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и спречување на опасното и неодговорно управување со овие видови возила.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.