Свечено отворен вториот фестивал на сатира „Џинот“ во Велес

Во велешкиот театарот „Ј.Х.К Џинот“ денес свечено беше отворен вториот фестивал на сатирата „Џинот“, во организација на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, Градската библиотека „Гоце Делчев“ и со поддршка од Општина Велес. Фестивалот е посветен на големиот просветител, книжевник и сатиричар Јордан Хаџи Константинов – Џинот, зачетник на македонското просветителство и духовен симбол на градот.


Фестивалот го отвори претседателката на Клубот на писатели, Лили Арсова, која во своето обраќање им се заблагодари на присутните за поддршката и интересот за овој културен настан, посветен на сатиричната мисла и писменост.

За ликот и делото на Џинот зборуваше проф. д-р Елизабета Бандиловска, која го истакна неговото значење како прв македонски афористичар и интелектуалец што го трасирал патот на современата македонска мисла.

Помеѓу Првиот и Вториот фестивал на сатирата издадени се две нови книги и едно издание на списанието „СУМ“, кое беше промовирано токму за време на отворањето на фестивалот. Изданието, кое брои 140 страници афоризми од 18 македонски автори, го претставија издавачот проф. м-р Трајче Кацаров и промоторот проф. д-р Христо Петрески.


Во програмата настапија и авторите Атанас Крлевски и Димитар Илиев Вилазорски, кои читаа свои афоризми, внесувајќи жива сатира и хумор во свечениот дух на фестивалот.


Отворањето беше збогатено со настап на учениците од Гимназијата „Кочо Рацин“, кои читаа афоризми од Џинот, со музичката изведба на ученикот Дариан Јорданов од нижото музичко училиште „Стефан Гајдов“, како и со рецитацијата на поетесата Јасмина Ѓоргиева.



Фестивалот продолжува вечерва со почеток во 18:30 часот во Градската библиотека „Гоце Делчев“, со промоција на книгата афоризми „На кркуш“ од Атанас Крлевски, а свеченото затворање ќе се одржи утре во Ликовниот салон, каде ќе бидат доделени наградите од распишаниот конкурс.
Стефани Манева


