Израелска помош за светиниколските земјоделци!
Донацијата е составена од репроматеријали за изградба на пластеник.
Израелскaта влада за развој на земјоделието во Свети Николе донираше опрема вредна околу 50.000 евра. Донацијата се состои во репроматеријали за првата демо-фарма поточно современ пластеник што ќе треба да се изгради во светиниколско. Горас Мезлер претставник на министерството за надворешни работи на Израел најави дека во наредниот период ќе донираат и неопходна техничка опрема за средното земјоделско училиште во Свети Николе.
Директорот на „Агри ленд“ и координатор на проектот, Зоран Тасев рече дека благодарение на одличната соработка меѓу македонската и израелската влада ќе се отвори и Регионален центар за едукација на земјоделците во Свети Николе.
„ Причина за денешната донација е договорот меѓу две влади. Донацијата има за цел да придонесе за подобрување на македонското земјоделство поточно да влијае врз начинот на кој земјоделците ги одгледуваат производите и да придонесе за подобрување на квалитетот поточно да помогне во нивниот пласман на западно европскиот пазар,“ рече Мезлер.
Според преставникот на израелското министерство за надворешни работи проектот, поделен во неколку фази, ќе се реализира во Свети Николе и во Тетово, како резултат на потпишаниот договор помеѓу македонската и израелска влада за заедничко унапредување на земјоделството и настап на странски пазари.