Тегобен молк, солзи, цвеќе и свеќи на оддадената почит од велешани на Тони Шопов (фото)

Тегобен молк владееше вечера, доцна попладне, на теренот на ракометното игралиште во Градскиот парк во Велес додека врамената фотографија на прерано починатиот поранешен ракометар, македонски репрезентативец и тренер Тони Шопов беше поставена помеѓу стативата. Граѓани, соседи, роднини, пријатели, почитувачи на ликот и дадениот придонес во спортот на Тони Шопов доаѓаа положуваа цвеќе, палеа свеќи и му оддаваа почит. Потоа застануваа во редот од граѓани што го создаваа и молкум стоеја.


Дел од нив ги бришеа солзите и со неверување гледаа во поставената фотографија на Шопов со црна лента. Имаше граѓани кои тивко се присетуваа на средби и дружби што ги поминале заедно со Тони и неговото семејство додека соседите, кои беа организатори на оддавањето на почитта, се присетуваа на деновите кога бил дете, момче или кога веќе станал семеен човек.


Настанот започна во 18 часот и траеше час и половина. Потоа роднините на Тони ја земаа врамената фотографија, цвеќето и свеќите и ги однесоа на вечното почивалиште на неговата мајка, Румена Шопова, на гробиштата во Раштани. Таму ќе остане и фотографијата на Тони Шопов со цел почит да му оддадат сограѓани коишто не стигнаа тоа да го сторат вчеравечер на спортскиот терен каде што тој за прв пат заигра во дресот на РК„Борец“ и го чувствуваше како втор дом.
„Почивај во мир, спокој, без болка и страдање од тешката болест“, беа најчестите зборови во збогувањето на присутните од Тони Шопов.
Убавка Јаневска






