Тиквешкото езеро без вода и во катастрофална состојба, екологистите бараат итна реакција на државните институции
Со водостој на минимална дозволена кота од 233 метри надморска височина и со волумен на вода која што изнесува 30 % од капациететот додека должината на езерото намалена е за 50 отсто, Тиквешко езеро е пред сериозна катастрофа. Акумулацијата во одредени делови наликува на бара која ако продолжи во неа да се намалува количината на вода ќе се претвори во мочуриште. Екологистите на „Вила Зора“ упатија остра реакција до надлежните институции во државата за состојбата во која го затекле ова вештачко езеро во Вардарски регион .
„ Реагираме на сериозно големата експлоатација, поточно, испуштањето на водата од вештачките акумулации на кои примарна дејност не им е производството на електрична енергија. Имајќи предвид дека 40 % од територијата на општина Кавадарци е степа до полупустина , во такви услови да се остави Тиквешкото езеро на случајност е кратковидост со големи размери. Тоа е сериозна закана и врз живиот свет и природата над коишто се предизвикува екосистемски шок.
Тиквешкото езеро е акумулација што е многу важна како за земјоделците така и за животната средина и животинскиот свет што живее околу него. Во реонот околу ова езеро живеат над 1250 различни видови на животни. Некои од нив се на националната црвена листа во државата а некои се со интернационален статус од интерес за нивна заштита,“ пишува во реакцијата на ЕД„Вила Зора“ од Велес.
Екологистите уште еднаш апелираат до сите надлежни институции да излезат на терен и да ги утврдат предизвикувачите на настанатата состојба со Тиквешко езеро како и да превземат мерки против нив.
Убавка Јаневска