Три дена “Тиквешки гроздобер 2025“ во Кавадарци со карневал, збратимување со Тиват, изложба на олдтајмери и музика
Објавено: 8 септември, 2025, во 09:12 часот
Традиционалната тридневна манифестација „Тиквешки гроздобер 2025″, во Кавадарци и годинава започна со „Тиквешкиот карневал”. Во карневалското дефиле низ центарот на градот продефилираа 23 карневалски групи од земјава и странство, а меѓу нив и кралицата и кралот на Гроздоберот. Гостин на карневалот беше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кој заедно со домаќинот, кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, симболично откинаа гроздови.
– Тиквешкиот гроздобер 2025 е симбол на традицијата, културата и духот на Кавадарци. Овој настан не е само манифестација, тоа е симфонија на вкусови, бои и насмевки. Грозјето што го вкусуваат нашите гости го носи во себе трудот на лозарите, а секоја капка вино е приказна за нашата земја и за љубовта кон културата и традицијата, рече градоначаланикот Јанчев пред карневалот, при приемот на делегации во Винскиот музеј за регионот Тиквеш.

Во рамките на тридневната стопанско – туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер се одржа и Изложба на олдтајмери.

Кирил Димитров Урошев од Авто – мото клубот којшто е организатор на изложбата, соопшти дека официјално пријавени се 67 автомобили од разни краеви на државата и најави дека бројката на изложени примероци, можела и да се зголеми.
– Сите учесници, љубители на автомобили, кои посветено и со многу љубов се грижат за нив, добиваат признание за зачувување на културното наследство, бидејќи овие автомобили се своевиден дел од културното наследство. Тие говорат за тоа, како се движеле културата и развојот на автомобилизмот, рече Димитров.

На годинешниот „Тиквешки гроздобер“ Општина Кавадарци и црногорската општина Тиват се збратимија. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и градоначалникот на Тиват, Жељко Комненович го потпишаа меморандумот за збратимување.
– Со овој меморандум двете страни се обврзуваат да ја зацврстат соработката меѓу локалните самоуправи, туризмот, младите, спортот, културата, земјоделството и економските односи, во согласност со законските надлежности и почитување на законите на двете држави, истакна Јанчев.
Гостинот од Црна Гора додаде дека му причинува особено задоволство што воспоставува соработка со Општина Кавадарци.
– Постојат бројни можности за соработка и развој и се надевам дека ќе ги искористиме, додаде Комненович.
Убавка Јаневска


