Ученици од цела Македонија на државен натпревар „МАССУМ 2022“ во Велес

Објавено на 6 мај, 2022 во 16:16

Четириесет и осум средни стручни училишта од цела Македонија, денеска, беа дел од државниот натпревар „МАССУМ“ којшто се одржа во Велес. Младинскиот парк беше полн со штандови на коишто беа поставени прозиводи и рекламни материјали, со цел да се претстават сите профили на секое училиште. Средношколците имаа задача својот штанд да го претстават во најдобро светло пред секој посетител, посебно пред Комисија којашто имаше задача да го избере најдобриот штанд. Покрај креативноста на штандовите, дел од учениците, се натпреваруваа во „Талент шоу“ коешто беше организирано во амфитеатарот како и во повеќе категории.

Оваа година, домаќин на државниот натрпевар „МАССУМ“ беше средното стручно училиште „Димитрија Чуповски“ од Велес. Директорката на училиштето, Маја Хеско, рече дека и покрај краткиот период за подготовка на овој натпревар таа е задоволна од организацијата бидејќи учениците од 48 училишта од Македонија се дружат и разменуваат искуства.

-Овој државен натпревар претставува младинска презентација на средни стручни училишта на којашто се претставуваат сите училишта подеднакво. Учениците се претставуваа во повеќе натпревари. Во спортски и тоа во повеќе дисциплини какошто се кошарка, одбојка, серва, ракомет коишто се одржуваат во спортската сала „Гемиџии“. Потоа модна ревија, талент шоу во амфитеатарот на Младински парк. Исто така организирани беа и теоретски натпревари како интервјуа за работа на англиски, македонски и албански јазик, јавно говорење, маркетинг план, бизнис план, веб дизајн. Комисија беше организирана и за избор на најдобар постер, потоа фотографија и видео. Драмски претстави се прикажуваа во Градската библиотека „Гоце Делчев“. Добро е што не послужи и времето, додаде Хеско.

Кога тимот на Дума.мк ги посети штандовите поставени во Младински парк почуствува топло добредојде од секој средношколец. Нивните професори, исто така, го искажаа своето задоволство што денеска се дел од овој настан.

– Ова е добро искуство за учениците, да бидат дел од еден поголем настан, да се дружат со другите ученици, да научат нешто ново, да го презентираат училиштето но и да се натрпеваруваат во различни категории, рече Мирјана Стојческа Ѓоргиоска, професор по бизнис стручни предмети во средното стручно училиште „Орде Чопел“ од Прилеп.

-Денешното дружење во Велес има одлична организација, велешани се одлични домаќини кадешто сите училишта можат да се претстават во најдовро светло. Ова е едно меѓусебно дружење кадешто учениците разменуваат искуства што сработиле преку текот на целата година. Поминавме еден тежок период на пандемија кога учениците, поголем дел од времето, беа затворени дома, наставата се одржуваше онлајн. Сега мислам дека е погоден момент да може да разменат свои искуства и знаења, рече Пенчо Божиноски, професор во средното стручно училиште„Ванчо Питошески“ од Охрид.

Резултатите од натпреварите ќе бидат соопштени до крајот на денот и утре, сабота 7 мај, додека наградите, дипломите и благодарниците ќе бидат испратени до сите добитници.

Отворањето на државниот натревар му беше доверено на градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев како и на директорот на Центар за средно стручно образование.

Стефани Манева

фото:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.