Ученици од велешкото економско училиште ќе бидат дел од државен натпревар за најдобра ученичка компанија

Ученичката компанија „Playful Pages“ од СОУ „Јовче Тесличков“ се пласираше во финалето и ќе го претставува својот иновативен производ на „Државниот натпревар за најдобра ученичка компанија“.

Компанијата „Playful Pages“, составена од Ива Петровска како генерален директор, Искра Ризовска, Ангела Анастасова, Симона Крстевска и Максим Чукниев, креираше сликовница со „Стари детски игри“, која има за цел да ги врати децата во светот на традиционалната игра и да ги одврати од прекумерната употреба на екрани. Целосно илустрирана од учениците, сликовницата нуди носталгично и едукативно искуство. Во тек е подготовка на втората верзија, со дополнителни видеа и активности поставени на нивната веб-страница.

-Се надеваме дека нашата позитивна енергија и креативност ќе бидат препознаени, и дека преку нашата сликовница ќе ја почуствувате магијата на Старите детски игри и истовремено ќе се вратите повторно во светот на Вашето заборавено детство, велат од тимот.

Професорката Радмила Андоновска за Дума.мк објасни дека на регионалниот натпревар учество земале уште две ученички компании кои ги претставиле своите иддеи, производи и презентации како дел од ученичката програма „Ученичка компанија – Претприемачка практика за млади“, која се спроведува во текот на учебната година.
-„EcoConnect“, предводена од Марија Бошевска, Марија Ивановска, Марија Ќириќ, Петар Богданосki и Ана Апочова, претстави мобилна апликација поврзана со веб-модули за зелена економија, со едукативни квизови и награди. Целта им е да подигнат еколошка свест кај младите преку интерактивно учење. Како и „Crafty-JT“, составена од Емили Петрова, Амзи Амзи, Алејна Зекирова, Моника Таскова и Ангела Лазарова, кои ја креираа играта „Guess who, guess what!“ поточно едукативна и забавна алатка за учење англиски јазик, наменета за тинејџери и возрасни кои сакаат да учат преку игра, објасни професорката Андоновска.

Со својата креативност и ентузијазам, ученичката компанија „Playful Pages“ продолжува со подготовките за државниот натпревар и планира промоција на сликовницата во локалната библиотека.

Инаку учениците заминуваат на државен натпревар откако го освоија вниманието на жирито на Регионалниот натпревар кој се одржа на 10 април, годинава, во хотел „Гарденија“ во Велес, во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, со поддршка од Агенцијата за поддршка на претприемништвото.
Стефани Манева
