Уредите за сигнализација на преминот преку пругата во велешката населба „Превалец“ се пореметија
Четири денови и звучната и светлосната сигнализација на железничкиот премин на пругата Велес-Прилеп, кај населбата „Превалец“ во Велес, не работи исправно. Таа на моменти се вклучува и сигнализира подолго време од вообичаено иако не поминува воз. Жителите на населбата стравуваат дека ваквата состојба може да предизвика низа непријатности. Нерегулираното сигнализирање на преминит веќе предизвикало застој во сообраќајот и на двете коловозни ленти, возилата чекаат и создаваат долга колона. Од друга страна пак, велат дека има и недисциплинирани возачи кои знаат да преминат врз пругата, без разлика дали сигнализацијата е вклучена или не.
За овој проблем, загрижените жители на Превалец се обратија во редакцијата на веб порталот „Дума.мк“, вознемирени велат дека стравуваат за својата безбедност, особено за децата кои често знаат, невнимателно , да ја преминуваат пругата. Нивниот страв е оправдан затоа што десетици несреќи со фатални последици, се случија изминатите години.
Дума.мк побара став од Јавното претпријатие Железници-Инфраструктура. Од таму во писмен допис одговорија дека при изведување на работи на одржување на пругата во тој дел, од страна на нивни вработени, дошло до пореметување на сигнализацијата на патниот премин.
„Проблемот е веќе решен, т.е. дефектот е отстранет“, пишува во дописот на претпријатието.
Сепак, денес жители, шетајќи покрај пругата воочиле дека група работници со шинско се превезувале за да ја исчистат бујната вегетација и каналите покрај самата пруга. па се сомневаат дека можеби тие го предизвикале дефектот на звучната и светлосната сигнализација на преминот. Бараат поголема внимателност од железничарите доколку тие го предизвикуваат активирањето на сигнализацијата , за да не се случи немил настан.
Убавка Јаневска