Уште 600 велешани можат да ги легализираат своите дивоградби до 3 март, годинава – дел од нив имаат изготовени Решенија само треба да платат
Објавено: 11 февруари, 2026, во 15:34 часот
На територијата на Општина Велес вкупно 6800 граѓани го искористиле правото на легализација на дивоградби што го стекнаа со донесување на Законот за постапување со бесправни објекти во 2011 година. Од вкупниот број околу 6.200 граѓани ја имаат завршено постапката и ги имаат легализирано бесправно изградените куќи, доградби во индивидуални или колективни стамбени објекти како и деловни простори под што спаѓаат хали и објекти за производство.
Според информации на службата во Општина Велес преостанати се 600 предмети кои или не се решени поради некомплетирана документација или граѓаните, иако имаат изработени заклучоци за плаќање на надоместокот, сеуште не го платиле. Овие граѓани, доколку планираат да ја завршат постапката ќе мора тоа да го сторат до 3 март, годинава. Тогаш истекува рокот на донесениот Закон за постапување со бесправни објекти во 2011 година. По овој рок нема да им се признае правото на завршување на постапката за легализација на дивоградбите.
Општината ги повика велешани да ја заокружат постапката и да не го пропуштат законскиот рок.
Општинската евиденција покажува дека со најголем процент во легализацијата се застапени бесправно изградените индивидувални куќи или делови од нив, следни се доградбите на станови или делови од нив во колективни објекти поточно згради додека најмал е процентот на деловни објекти.
Законот за постапување со бесправни објекти овозможуваше легализација на дивоизградени објекти по цена од 1 евро за метар квадратен.
Убавка Јаневска


