Уште два дена до затворање на огласот за грант за самовработување – Аплицирајте во Агенцијата за вработување Велес

Уште два дена, поточно до 20 јуни, годинава, сите невработени велешани над 29 години имаат можност да аплицираат за неповратен грант во износ до 430.500 денари преку Програмата за Поддршка за самовработување – претприемништво на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.
Се повикуваат сите граѓани кои имаат претприемачки дух и визија за сопствен бизнис, со минимум завршено основно образование, да ја искористат оваа можност.
Преку оваа програма, кандидатите ќе добијат обука за претприемништво и развивање на бизнис вештини, како и ваучер за изработка на бизнис план и поддршка при регистрација на фирмата. Финансиската поддршка се состои од неповратни средства во износ до 430.500 денари (со вклучен ДДВ), кои се исплаќаат на наменска сметка врз основа на приложени профактури за опрема, материјали или готови производи, во согласност со бизнис планот. За одредени категории, како што се лицата со попреченост, е предвидена и дополнителна финансиска поддршка за вработување. Дополнително, за целни групи како лицата со попреченост, жени од рурални средини со земјоделска дејност, Роми и жени од ранливи категории, жртви на семејно насилство, самохрани мајки, приматели на социјална помош и друго, се обезбедува и менторска и советодавна поддршка во период од шест месеци по основањето на бизнисот.
Целната група опфаќа невработени лица над 29 години, вклучувајќи ги лицата со попреченост, корисниците на гарантирана минимална помош, жени-жртви на семејно или родово базирано насилство, припадници на ромската заедница, повратници од странство, како и лица кои сакаат да го формализираат својот неформален бизнис. Важно е кандидатите да не имаат добиено грант од оваа програма претходно, ниту да биле основачи и управители на фирма во последните 12 месеци за истата дејност.
Преку оваа мерка нема да се поддржуваат бизниси во класично земјоделство, освен органско, такси служба, освен за лица со попреченост, производство и трговија со оружје, финансиски и осигурителни дејности, како и приватни агенции за вработување. Исклучок се прави за лица со попреченост и жени од рурални средини, кои може да регистрираат субјекти и во земјоделска дејност и такси услуга.
Програмата се спроведува согласно принципите на диверзитет и инклузивност, со посебен акцент на правичната застапеност на ранливи категории и рамномерен регионален развој, во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и евиденцијата на невработени лица во секој регион.
Заинтересираните лица треба да се пријават најдоцна до 20 јуни 2025 година во Работниот клуб при Центарот за вработување Велес, секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот. Детални информации можат да се добијат и преку веб страната www.av.gov.mk или на телефонскиот број 02/3111-850.
Ова е одлична можност да направите чекор напред кон сопствен бизнис.
Стефани Манева
