Уште три дена за пријава на невработени лица за обуки кои нудат вработување „Услуги за грижа во заедницата“
Невработени лица кои се евидентирани во Центар за вработување Велес со завршено минимум основно образование имаат можност да се пријават за посета на обуки со кои ќе се стекнат со квалификации за асистенти за нега на лица со Мултиплекс склероза и за нега на лица со Алцхајмерова болест, за Палијативен неговател за нега на болни и изнемоштени лица, за неговател за стари и немоќни лица, за лица и за деца со попреченост за испорачување на услугата одмена на семејна грижа како и за Личен асистент за лица со попреченост.
Обуката ќе се реализира во период од три месеци организирана во неколку модули и фокусирана на теоретски и практичен дел.
Пријавените невработени лица додека трае обуката ќе добијат месечен надоместок во висина од 11.000 денари, по лице, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест додека тие што успешно ќе го положат предвидениот испит ќе се стекнат со Сертификат издаден од верификувани спроведувачи на обуката, пропишан од Министерство за образование и наука.
Oбучените невработени лица ќе имат можност да се вработат како даватели на социјални услуги кај селектирани здруженија на граѓани или приватни установи за вон семејна социјална заштита на стари лица согласно стручната обука со минимален износ на месечна бруто плата од 30 780 денари.
Правото за учество на невработените се определува врз основа на условите и критериумите дефинирани за секоја поодделна програма односно мерка за вработување и врз основа на основни принципи кои треба да се почитуваат при имплементацијата на програмите и мерките за вработување, како и услугите на пазарот на трудот што како информации заинтересираните можат да ги добијат во Центар за вработување Велес или на веб страницата https://av.gov.mk/oglasi-za-aktivni-merki.nspx
Тоа што е значајно е дека за време на учество на невработените лица во оваа мерка во времетраењето на обуката ќе го користат и стекнатото право за парична помош согласно Законот за социјална заштита и правата по основ на невработеност.
Заинтересираните невработени лица можат да поднесат Пријава во Центар за вработување Велес, секој работен ден, од 09:00 до 14:00 часот, до 18 август 2023 година.
Убавка Јаневска