Вакциналниот пункт во Велес работи но не може да ревакцинира велешани по прва доза од Кавадарци
Граѓани се вакцинираат со кинеската вакцина „Синофарм“ трет ден на пуктот за масовна вакцинација во Велес. На вакциналните места, се поретко седнуваат возрасни а почесто граѓани што и припаѓаат на средната генерација, поточно, имаат помалку од 60 години. Нема метеж пред објектот, ниту внатре во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковси“, каде што е сместен вакциналниот пункт.
Денеска се очекуваат на имунизација 500 наместо 1.200 граѓани кои ќе примат прва вакцина. Вака малата бројка говори дека нема доволна количина на вакцини. Затоа велешкиот пункт за масовна имунизација наместо според очекуваните две, работи во една смена од 8:00 до 16:00 часот.
– За разлика од претходно кога ја имавме повозрасната популација, сега, на седумте вакцинални места ги вакцинираме граѓаните од средна старосна возраст. Тоа значи дека полека се симнува возрасната граница под 60 години. Помеѓу пријавените кандидати имаме дел и на возраст од педесет и некоја година. Заклучно со минатата недела, имаме аплицирано 1762 вакцини, од коишто, 1005 од видот „АстраЗенека“ и 757 на „Синофарм“. Тоа значи дека неделава продолжуваме со вакцинирање со видот „Синофарм“, што како количина на вакцини ги добивме изминатиот четврток. До овој момент нема ниту една нус појава, додаде д-р Марина Тодоровска, координатор на вакциналниот пункт.
Не беше воопшто мал бројот на граѓани коишто денес доаѓаа и се информираа за можноста од ревакцинација на овој пункт. Десетици од нив потврдија дека првата доза ја примиле во Кавадарци. Сега се распрашуваа дали Службата за имунизација во Велес има било каква информација според која тие би можеле да се ревакцинираат наместо во Кавадарци во Велес. Дел од граѓаните пак, раскажуваа како претпладнево биле приморани свои родители да носат на вакциналниот пункт во Кавадарци и да се вратат назад за тие да примат вакцина на пунктот во Велес.
-Не разбирливо за нас е зошто мораме како семејство да се делиме и тоа повозрасните членови да ги носиме во Кавадарци, на ревакцинирање, а потоа да брзаме и да не го пропуштиме закажаниот термин за да ја примиме првата вакцина на пунктот во Велес. Ако станува збор за еден софтвер во којшто се внесуваат сите податоци и со него управува Министерството за здравство, тогаш како не можат да видат дека ни создаваат сериозни проблеми кога веќе сме изразиле желба да се заштитиме со вакцинирање, рече велешанец.
-Јас и мојата сопруга, првата доза на вакцина „АстраЗенека“ ја примивме на вакциналниот пункт во Кавадарци. Овде сум да прашам дали можеме да се ревакцинираме во Велес. Не логично ми е тоа што како брачен пар сме разделени во различни денови за прием на ревакцина. Сакам да ви кажам дека сопругата доби термин за ревакцинација неколку дена пред мене. Тоа значи дека два пати треба да возам до Кавадарци и назад, а во мојот роден град има вакцинален пункт. И сега кажете ми каде е тука логиката? праша велешанец.
Дума.мк минатата недела испрати официјален маил со прашања до Министерството за здравство, во коишто ги потенцираше овие и слични на нив проблеми што ги искажаа граѓани кои сметаат дека наместо во Кавадарци, потребно е да бидат ревакцинирани во Велес. До денеска Министерството не се одважи и не одговори на поставените прашања.
Денеска д-р Тодоровска, во својство на координатор на Вакцинален пункт Велес, одговараше на прашањата на граѓаните и во исто време на Дума.мк, дека Службата за имунизација нема дополнителни известувања од министерството според кои би можела да ги прифаќа веќе вакцинираните граѓани во Кавадарци.
Убавка Јаневска