Вандали повторно го сардисаа комплексот на велешка Спомен костурница, ги демолираат и новопоставените тезги на урбаната опрема

Кршењето на стаклата на помошниот објект и кршењето на дрвените тезги се случило деновиве, објави на Фејзбук, жител од населбата над комплексот Спомен Костурница. Ова е многу честа појава во комплексот на културно историскиот споменик, чие последно уредување од страна на општината, заврши изминативе месеци. Спомен костурницата е во надлежност на Народен музеј Велес, локална институција која нема доволен број на работници а меѓу нив и чуварска служба која би се грижела за безбедноста на споменикот.

– Ова е втор инцидент во изминатите скоро два ипол месеци. И претходно и сега настрадаа стаклата на помошната просторија на објект во склоп на споменичниот комплекс. Се уништуваат и други реквизити, како што се рефлекторите, за што како институција пријавуваме во полиција. Позната е кадровската состојба во музејот и нејзина последица е тоа што немаме чуварска служба ни стручно лице со чие присуство во комплексот ќе се спречи кршење и уништување на имотот, рече Ангел Коруновски директор на Народен музеј Велес.

Вандализмот не го оправдуваат дел од граѓаните кои живеат во населбата до Спомен костурница Велес. Тие најчесто го користат просторот за седење и за игри на децата во текот на денот и откриваат дека се што се уништува се прави во текот на ноќните часови. Загрижени се дека повторно можат да настрадаат светилките на штотуку поставените нови канделабри.
Убавка Јаневска
