ВАРДАРСКАТА РЕГАТА ГЕМИЏИИ СПОЈ НА МИНАТОТО,СЕГАШНОСТА И ИДНИНАТА
Објавено: 18 јуни, 2026, во 20:37 часот
По трагите на старите велешки гемии, шеесетипет учесници на 26. Вардарска регата Гемиџии,тргнаа од Велес кон Солун. Патувањето по најголемата македонска река не е само авантура, туку и потсетување на времињата кога велешките трговци по Вардар ја носеле својата стока до солунските пазари. Денес, регатата ја продолжува таа традиција, промовирајќи ги природните убавини и историското наследство долж течението на реката.
„Оваа манифестација има голем нтуристички потенцијал. Токму затоа ја има и поддршката од Министерството за кулура и туризам“, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам кој денеска пловеше од Велес до Криволак.

„Горд сум што опстојува оваа манифестација. Регатата е спојот помегу минатото и сегашноста, можност историјата да се сочува и пренесе на идните генерации“, рече Марко Колев, градоначалник на Општина Велес, кој исто така е дел од учесниците.
Годинава, по патот на трговците и славните Гемиџии, покрај учесниците од Македонија – од Велес, Скопје, Штип и Кавадарци, на Вардарската регата учествуваат и авантуристи од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Соединетите Американски Држави.
Според предвидената маршрута, утре учесниците ќе пловат од Криволак до Демир Капија, а следниот ден ќе стигнат до Евзони во соседна Грција. На 23 јуни се очекува да пристигнат во близина на црквата „Свети Никола“, оддалечена околу осум километри од Солун – градот во кој четиринаесетмината Гемиџии во 1903 година ги извршија своите познати акции со цел да го свртат вниманието на европската јавност кон македонското прашање.

Вардарската регата Гемиџии е единствената регата од Македонија, членка на Балканската рафтинг федерација.
Дијана Иванова
фото:Општина Велес
