Вечерва најмладите кавадарчани ќе имаат можност да уживаат во детската претстава „Доживувањата на Пинокио“ под отворено небо

Најмладите кавадарчани вечерва со почеток во 20:00 часот ќе имаат можност да уживаат во волшебната театарска претстава за деца “Доживувањата на Пинокио”, која ќе се одигра под отворено небо, како дел од манифестацијата “Кавадаречко културно лето 2025”.
Театарот при Домот на културата “Иван Мазов – Климе” Кавадарци ја носи оваа нова, преадаптирана верзија на безвременската приказна на Карло Колоди, во адаптација и режија на Микица Илова. Претставата е специјално прилагодена за игра на отворен простор, овозможувајќи ѝ на публиката уникатно летно доживување со добро познатиот лик – дрвеното момче што сонува да стане вистинско дете.
Во улогите ќе настапат Арелена Гостимировиќ, Јована Секуловска, Елена Илова, Саше Орешков, Ристе Стојанов, Александар Стојков и Александар Малинков, додека волшебниот свет на куклите и марионетите ќе го оживеат Тамара Стојанова, Ивана Секуловска, Мартина Илиевска, Доменика Митевска, Маја Стојанова и Сара Пејовска.
За задкулисната магија се погрижиле Наталија Бојкова како суфлер, Сара Милевска со костимографијата, Пепи Ангелов за техничката реализација на звукот и светлото, како и Диме Темков со техничкиот тим на Домот на културата.
Организаторите ги покануваат сите мали и големи љубители на театарот да бидат дел од оваа вечер исполнета со приказна, емоција и детска радост. Влезот е слободен.
Стефани Манева


