Кога хотелот „Вила зора“ ќе стане Студентски центар?
Пробиени се роковите за реконструкција на хотелот „Вила Зора“ во кој универзитетот „Свети Климент Охридски„ од Битола го подготвува да стане студентски центар и во него да работат студиите од Техничко – технолошкиот факултет во Велес. Објектот сеуште личи на руина и покрај тоа што од факултетот најавија дека во првата половина на октомври ќе завршат градежните работи и ќе има свечено отворање на студентскиот центар. Се обидовме од Ректоратот да ги дознаеме причините и за колку време е пролонгиран рокот. Оттаму досега не добивме одговор.
За најавената реконструкција на зградата на хотелот Вила зора се интересираат и граѓаните во околните куќи. Ним им оди во прилог ставањето на објектот во функција. Особено што просторот ќе заживее и нема да продолжи да биде дувло на сомителни личности кои се собираат околу него. Нив ги вознемирува глетката што таму ги затекнува секое утро кога има расфрлан смет, шишиња од алкохол и шприцови.
„Пред неколку дена поминав тука и видов како се чисти ѓубрето од дворот на хотелот. Но од тогаш тука нема жива душа. Студенти има, ама само во факултетот кој работи подолу во основното училиште,“ вели сосед на хотелската зграда.
Неколкумина мајстори кои ги затекнавме во хотелот велат дека ја промениле одводната мрежа, уште една недела ќе работеле на ѕидовите а сеуште не биле променети прозорците и вратите на објектот. Од боречката организација која е сместена во хотелот се жалат. Велат плаќале сметки и за просторот кој е даден на користење на факултетот.
„Не е расчистено со сметките за вода и струја. Плативме како да користиме 5 илјади метри квадратни простор а ние имаме само две канцеларии со вкупно 60 квадрати“ рече Саздо Кицевски, председател на сојуз на борци на Велес.
Инаку општината го даде на користење хотелот „Вила Зора“ на факултетот кој во моментов е сместен во поранешното основно училиште Јордан Хаџи Константинов – Џинот. Битолскиот универзитет планира да го претвори во голем студентски центар, но и покрај најавите тоа овој месец не се случи. Во меѓувреме студентите исто како во изминатите четири години и годинава студираат во преадаптираната зграда на основното училиште „Џинот“.