Пожар и ја пеплоса куќата: Благојка остана без дом, гола и боса
Кога и се запали и изгоре куќата, велешанката Благојка Малинова, беше пресреќна што ја преживеа експлозијата на плинската боца.
Денеска, пет месеци по несреќата, на лицето на оваа шеесет и шест годишна жена нема надеж дека ќе може да ја преживее зимата. Секој месец половина од нејзината пензија завршува во банката која претходно и одобрила кредит, а петте илјади денари што и останувале биле премалку за да плати наемнина за собата, комуналии и да се прехрани.
„Ако ми верувате, се ми изгоре гардеробата, постелнината, покуќнината, останав гола и боса на улица. Куќата се пеплоса, со се што спечалив и за што работев цел живот, по само една експлозија на плинската боца што си ја купив бидејќи останав без струја. Што да ви кажам, долга приказна. Да не бидам сама во куќата пуштив закупци а тие наместо чесно да си ја плаќаат потрошената струја, ме лажеле, и така ми направија долг кој морав јас да го платам. Немав пари па земав кредит ама не успеав да ја платам сметката во целост па дојдоа од ЕВН и ја исклучија. Затоа морав да купам плинска боца, изгледа не беше исправна или јас не знаев да ракувам како што треба, експлодираше а огнот се ми изгоре,“ рече Благојка
По несреќата што и се случи во мај годинава кога во пожарот изгоре се што имаше на Благојка и помогнал само велешкиот Центар за социјални работи. Тогаш и дале еднократна помош. Но, деветнаесетте илјади денари биле премалку за да си купи гардероба, да се храни, да извади нови документи. Сега Благојка вели принудена сум да барам помош од добро намерни граѓани.
„Се ми треба, незнам од кај да почнам, еве иде зима а јас немам јорган, потопли ќебиња, простирки, чаршави, навлаки. Да не зборувам за долен веш или потопли алишта, капут или обувки. Јас нема на што да спијам бидејќи ми треба и кауч. Немам шпорет. Ако сака некој да ми помогне, ми треба и храна, немам што да јадам,“ рече Благојка.
Таа остана без свој дом во мај, годинава. Тогаш и изгоре куќата во Дворови позната во Велес како куќата на Габерови. Градбата беше стара еден век изградена во традиционален староградски стил, со таван изработен од дрво.
Општина Велес нема станови за вакви случаи. Благојка Малинова конкурирала за државен стан под наем но, засега е неизвесно дали и кога ќе го добие.