Млад крап плива во езеро Младост!
За една недела и Вардар повторно порибен!
Млад крап во количина од 130 килограми заплива денеска во велешко езеро. Го пушти концесионерот, спортското риболовно друштво Бабуна, со цел да ја исполни обврската од концесијата но и да го збогати рибниот фонд во велешкиот ривир. Иако коцесијата ја добија на крајот од октомври и годинава немаа обврска сепак одлучија да го збогатат рибниот фонд во велешкиот ривир.
„Како спортско риболовно друштво сакаме да го зачуваме езерото, да биде автохтоно и да му дадеме повеќе крап бидејќи Младост е познат по рибен фонд од амур и крап,“рече Бранко Јанушев.
Претходно со крап беше порибен и Вардар, во центарот на градот кај Малото мовче. Таму спортските риболовци пуштија 200 килограми млад крап. Количина од 50 килограми беше пуштена во реката и кај селото Ногаевци, во близина на Градско. Порибувањето се врши во време кога на сила е забраната за ловење на овој вид риба. Сега на кејот на Вардар и брегот на Младост ќе настапи рибочуварската служба, приватното обезбедување и полицијата. Нивните зголемени контроли ќе треба да ги одвратат рибокрадците на трските да го ловат младиот крап.
“Ќе се контролира нон стоп значи 24 часа се со цел да се спречи ништењето на рибата која деновиве ја пуштивме во Вардар и еве денеска оваа нова количина од 330 килограми крап во реката и во езерото. Сите рибари, членови на нашето друштво, се информирани и знаат дека важи забраната за ловење на крапот. Во колку се случи да бидат откриени рибокрадци тие ќе се соочат со прекршочни пријави според кои казните се висок“, рече Бранко Јанушев
Порибувањето на Вардар и на езерото Младост го финансира СРД „Бабуна“ за што одвои 3,5 илјади евра.