Велешките социјалдемократи втор ден го блокираа центарот на Велес!
Стотина приврзаници на опозициската СДСМ вечерва го блокираа центарот на Велес.
На плоштадот „Сармаале“ со пеење на македонската химна и свирежи, порачаа да си замине оваа фашистичка власт. На блокадата на главната улица беа предводени од пратеникот Марјанчо Николов и советниците во општинскиот совет. Тие не сакаа да говорат, велат ќе им го препуштеле тоа на граѓаните.
„Сите видовме дека пратениците како куфери беа исфрлени надвор од собраниската сала. Не може некој ако е на власт да си прави што сака па дури и да исфрла пратеници од нивното место за работење“, вели велешанец.
„Како може пензионерите во Скопје да се возат со автобус бесплатно и тоа три дена во неделата, а за нас од провинција да нема ништо. Чии граѓани сме ние, на која власт на оваа фашистичкава ли? Јас не стравував за тоа дека ако не се донесе буџетот нема да земам пензија, пари ќе имаше за сите“, вели пензионер.
Половина час траеше блокадата на сообраќајницата и помина мирно без никакви инциденти. Опозиционерите најавија дека и во наредните два дена ќе го блокираат Велес во попладневните часови, а во сабота здружени од сите градови ќе одат пред седиштето на ВМРО ДПМНЕ во Скопје. Инаку вечерва се протестираше во повеќе градови во земјава против како што велат од СДСМ насилното носење на буџетот во Парламентот и рушењето на сите демократски процеси во земјава.