Петров: Битката против топилница најголем успех на велешани во изминатава година!
Годината која изминува беше тешка, но успешна за граѓаните на Општина Велес порача денеска во своето годишно обраќање, градоначалникот Горан Петров.
Како најсветол настан кој му се случи на градот ја издвои битката против плановите за рестартирање на топилницата. Од протестот на кој излегоа 20 илјади велешани започна еколошката револуција за издвојување на основното човеково право да живееме во чиста животна средина и до денес е успешен, вели Петров.
„Мислам дека со протестот и со започнувањето на процедурата за промена на деталниот урбанистички план веќе сме при крај со остварувањето на нашата цел. Со протестот на сопствениците на топилница јасно им кажавме дека сме против рестартирање на загадувачот, а со промената на градската мапа ќе успееме да ги стопираме во намерата. Се разбира дека ова немаш да успееме да го направиме без поддршката на 20 – те илјади велешани“, вели Горан Петров, градоначалник на Велес.
Инаку според Петров тешката економска криза која го зафати светот не го одминала и Велес, но на граѓаните им порача дека мора да се справат со секојдненевните предизвици и дека од нив зависи каква ќе биде годината која пристигнува. Им посака среќни празници и градот годинава помалку да чека на првото новороденче во 2013 година.