Во новогодишната ноќ, весело и скромно во Повардарскиот дел на Македонија!
Желбите на граѓаните исти, поберикетна и економски појака 2013-та.
Граѓаните на Повардарскиот регион ја испратија старата и ја пречека Новата година. Едни посакаа што побрзо да ја заборават старата додека други изјавија дека ќе им остане во сеќавање по убави нешта. Сите пак влегоа во новата 2013 година со големи очекувања.
Освен среќа што се чини дека искрено и од се срце си ја посакаа себе си, на најблиските и на пријателите граѓаните очекуваат остварување на најприоритетните желби како што рекоа вработување, подобар стандард, брак или принова во семејството.
Најголем дел од граѓаните новата година ја пречекаа во своите домови, во кругот на семејството или со пријателите на градските плоштади во Велес, Кавадарци и Неготино. Нив на организираната забава во Велес ги забавуваа Венко Серафимовски, Мики Јовановски Џафер и Чалгискиот оркестар на МРТВ. Околу илјада велешани беа дел од новогодишната забава која кулминираше на полноќ со убав огномет.
Есма ја прегреа атмосферата на преполниот плоштад во Кавадарци. Кралицата на ромската песна ги натера граѓаните да играат и да пејат, а општината се погрижи да ја дозагрее и така врелата атмосфера со бесплатна ракија и вино. На плоштадот во овој град славеа нова година и граѓани од соседните општини за чија забава се погрижи и локалниот бенд Луда мара.
Пејачката Маријана Мишева и локалните естрадни уметници им приредија незаборавна забава на Неготинци кои го наполнија градскиот плоштад. За веселата атмосфера придонесоа и винариите кои за симболични 10 денари продаваа неготинска жолта додека чаша црвено вино чинеше 20 денари. На полноќ општината на неготинци новата година им ја честиташе со огномет.
Ведрото и студено време не ги поколеба граѓаните на Повардарскиот регион да слават на отворено. Се разбира дека младите избраа новогодишен дочек во кафетерии, дискотеки или ресторани. Организираните свечености поминаа во весела атмосфера и без инциденти.