Еден напад, две алкохолни труења и неколку тепачки за новогодишните празници!
Дваесет и тригодишен кавадарчанец Ц.Б заработил тешки телесни повреди при физички напад врз него од група на млади момчиња, веднаш по новогодишната ноќ.
Според информациите од кавадаречката полиција повреденото лице заработило убодна рана во пределот на градниот кош во близина на срцето, фрактура на носот и посекотина на главата.Полицијата работи на расчистување на случајот. Напаѓачите и биле добро познати.
Од семејството на повреденото момче велат дека покрај тешките повреди Ц.Б останал и без златна белезица, рачен часовник и други предмети.
Само две алкохолни труења се случиле во новогодишната ноќ во Велес. Еден полнолетен и еден малолетен велешанец испиле алкохол во поголема количина и завршиле на интерното одделение во болницата. Кај петмина млади граѓани интервенирале хирурзите кои шиеле раце повредени од петарди, расечени од стакло или повреди здобиени во тепачки.
Во итната медицинска помош биле донесени тројца велешани кои се степале. Лекарите, ноќта на нова година, извршиле вкупно 46 прегледи од кои 30 во амбулантата во Здравниот дом. За останатите прегледи била задолжена медицинската екипа која дава помош во домашни услови.
Во општината се случило едно нарушување на јавниот ред и мир и тоа на дочек на Нова Година во домашна атмосфера. Причина за интервенција на полицајците била расправија и закани помеѓу двајца славеници.