Велешани вечер на Коледе!
Привршуваат подготовките околу коледарските огнови кои вечерва ќе бидат запалени низ маалаата и улиците во градот.
Граѓаните ќе ги запалат штом сe замрачи, на најблиски локации, до нивните домови. Тоа се традиционални места во скоро секое маало или пак улица во Велес каде ќе се соберат соседите, пријателите и нивните познаници. Таму до приквечер ќе се собира огревот најчесто дрва кои велешани сами си ги носат, од дома. А штом ќе го запалат коледарскиот оган тогаш ќе започне и коледарската дружба на која велешани ќе пијат греана ракија и вино, ќе мезат туршија и посна храна.
Музиката е составен дел на коледарското дружење. Традицијата во градот налага освен народна песна да се запеат и коледарските или познататите мрсни поточно песни со еротска содржина. Па така вечерва низ градот ќе одекнат „Коледе, леде“, „Јанко петел јаваше“, “Баба оди по Бабуна боса“ и уште многу други кои единствено велешани ги пеат покрај коледето. Тие покрај огнот ќе останат до раните утрински часови.
Во градот не се организира јавна манифестација но, бизнисмените секоја година за Коледе се гости на плацот на фирмата Пескара Вел во населбата Речани. Годинава се најавува коледарски собир и дружба и во центарот на градот, под мостот Гемиџии, од страна на кафеаната Хајдук Ингилиз.