Вечерва Бадник, утре Божиќ!
Православните верници празнуваат во домот со семејството.
По синоќешното палење на коледарските огнови, рано утринава, раѓањето на Господ Исус Христос го најавија децата коледарчиња. Тие пред домовите на православните христијански верници ги испеаја коледарските песни за што од домаќините беа дарувани со ореви, костени и колачиња, специјално подготвени за празникот.
Граѓаните, денешниот ден, го празнува во домот и со семејството. Во текот на денот со особено внимание се подготвува бадниковата вечера. Според обичајот семејството седнува на заедничка богата вечера за која се приготвени посни јадења. Од Бадниково лепче во кое има париче за среќа, зелник со праз, посна сарма, гравче и печена или пржена риба се состои трпезата на верниците. Се принесува свежо и сушено овошје како и црвеното вино. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши лепчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата. Се верува дека оној член од семејството кај кого ќе се падне паричката ќе го прати здравје и среќа во престојната година. Додека семејството вечера, во ќумбето и во огнот, се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во домот.
Бадниковите гранчиња ја симболизираат среќата, љубовта и светлината па затоа со нив православните верници ги украсуваат домовите. Бадниковата вечер го најавува големиот христијански празник Божиќ.