Честит Божиќ, сите да не чува Господ и да бидеме среќни, заедно!
Си посакаа болните деца од церебрална и други болести. На божиќната забава Владиката Агатангел на нивните родители им вети помош.
Малата Ивана има седумнаесет месеци и не може да оди. Девојчето е родено со деформитети на колковите и болест која ги напаѓа мускулите на нозете, ги прави слаби и неспособни за движење. Ивана сама не може ниту да седи затоа мајка и ја држеше во скут на божиќната забава во црковно народната кујна во Велес.
„Треба да чекаме уште седум месеци а потоа лекарите да направат операција. На Ивана треба да и вградат чашки на колковите и во нив да ги вметнат коските од нозете. Бидејќи кај неа тие не постојат таа не може да седи, да се поткрене и да зачекори,“ рече мајката на Ивана, Анита.
Ова седумнаесет месечно девојче беше само едно од педесеттината болни деца кои беа гости на божиќната забава организирана од друштвото на деца болни од церебрална парализа и Повардарската епархија.
„Ова е наша петта божиќна средба која има за цел на децата да им го доближи големиот македонски верски празник. Тие денеска меѓу себе се дружат и пеат. Би сакала да им го честитам Божиќ на сите, да не чува Господ, да бидеме заедно и да бидеме што посреќни,“ им посака претседателот на здружението Далиборка Златева.
Митрополитот на Повардарската епархија, Агатангел на болните велешанчиња и на нивните родители им го честита Божиќ порачувајќи им никогаш да не ја губат вербата во Бога.
„Не е лесно да си родител а родителската болка е најголема. Но, никогаш не ја губете надежта, постојано верувајте и молете се. Јас верувам дека така ќе го најдете мирот и спокојството,“ рече Владиката Агатангел.
Тој на родителите им порача дека за нив и нивните чеда секогаш се отворени вратите на неговиот кабинет во зградата на Повардарската епархија и вети помош.
На божиќната забава пред децата неколку композиции исполни младинскиот хор на Повардарската епархија. За децата најинтересни беа песните од Тоше Проевски на кои тие громогласно пееја. Општина Велес за сите обезбеди новогодишни пакетчиња.