Аптеките дежураат но, граѓаните не знаат!
Подружницата на Фондот за здравство утре ќе ја објави листата со дежурни аптеки во градот.
Аптеките и ноќе ги отворија вратите за граѓаните кои имаат потреба од таблети или инјекции. Кај аптекарите најчесто во ова време доаѓале болните кои како итни медицински случа барале помош во службата на здравниот дом. Медицинскиот персонал на брзата помош, по извршениот преглед, ги информирал велешани која аптека ноќта е дежурна во Велес и од каде можат да ги купат препишаните лекови. Останатите велешани не знаат дека во градот секоја ноќ има дежурна аптека.
Од денеска анкетираните граѓани пред неколку аптеки во Велес ниту еден не знаеја дека во колку им затребаат тие и ноќе можат да си купат лекови од дежурна градска аптека.
„Прв пат слушам а да бидам искрена не сум имала потреба за лекување како итен случај. Сепак ќе кажам дека тоа е добра работа особено за граѓаните кои имаат мали деца, бидејќи сум минела низ такви ситуации и знам како е ако во болница речат дека треба да си го купите лекот,„ рече велешанка Родна.
„Градот не е мал и ќе додадам дека во него, независно дали е ноќе или дење, се лекуваат и граѓаните од Чашка или од Градско. Значи добро е што ја вратиле старата шема која јас ја паметам од времето кога единствените градски државни аптеки имаа ноќни дежурства. Тогаш беа четири аптеки и на влезните врати стоеше распоредот која е дежурна па лесно се снаоѓавме а сега има многу аптеки и ете на нивните влезни врати барем јас не сум забележал дека стои некаква објава за дежурствата,„ рече велешанецот Петре.
„Ние во Богомила немаме аптека која работи дење а вие во Велес значи имате и во текот на ноќта. Тоа е добро да го знаеме иако ние сме педесет километри оддалечени од градот. Но, ако ни затреба што друго ќе се прави освен да се седне во колата и да се доаѓа до Велес,„ рече граѓанин на Богомила кој денеска купуваше лекови во Велес.
Само што ќе ја добие Дума.мк ексклузивно утре ќе ја објави листата со дежурства на аптеките во градот за велешани да знаат која ноќ во која аптека ќе можат да ги набават потребните лекови.