„Бреза“ сака јавно да проговори и по цена да оди в затвор!
Заштитениот сведок во случајот за платеното убиство на старецот од велешкото село Ореше побара да се обелодени неговиот идентитет.
„Бреза“ повторно носи голем пресврт во случајот кој веќе пет години многу драматично се води во велешкиот суд. На денешното рочиште се појави неговиот полномоштник Ангеле Илиевски кој објасни дека заштитениот сведок на писмено побарал да се открие неговиот идентитет и тоа го доставил до Агенцијата за заштитени сведоци.
„Тој веќе знае дека кривично може да одговра ако го побара ова, но и покрај ова сепак е дециден дека сака да си го открие идентитетот“, вели Илиевски.
Тој не открива што го натерало на таков чекор иако веќе му посочил дека казната за такво дело предвидува и затвор. Инаку судијата Илија Танев спречи секакво друго спомнување на заштитениот сведок и откривање детали за него бидејќи е според него сеуште не се знае исходот од барањето на „Бреза“. Според адвокатот на обвинетите пак судијата постапува нестручно.
„Во законот јасно стои дека ако сведокот сам бара повеќе да не биде заштитен автоматски му престанува заштитата. Сметам дека судијата намерно го одoлговлекува процесот“, вели Ѕвонко Давидовиќ, адвокат.
Сепак судијата пресече и побара сослушување на сведокот во Скопје на 24 јануари, како сеуште да е под заштита. Ако во меѓувреме ова се промени процесот ќе продолжи во Велес.
Инаку идентитетот на „Бреза“ веќе во два наврати беше обелоденет. Во првиот, весник објави документ за кој подоцна беше разрешен судијата кој ја водел истрагата бидејќи судскиот совет процени дека тој е виновен што тајниот документ е обелоденет. Во вториот случај обвинетиот додека сведочеше наместо да го користи псевдонимот, го кажа со име и со презиме заштитениот сведок. Инаку во случајот првообвинет е Ѓоре Петрески од Ореше дека, додека бил во САД, го нарачал и платил убиството на Лазо Милошевски. Второобвинети, за извршители на убиството, се браќата Љубчо и Ордан Ѓорѓиеви. Без многу докази, како клучен сведок, во случајот се појави „Бреза“.