Велешките крводарители на редуцирано дарување крв!
Одделението за трансфузиологија остана само со еден лекар специјалист кој не може крводарителите секојдневно да ги прегледува.
Денешниот ден беше рекорден, месецов, во дарување крв на одделението за Трансфузиологија во болницата. Лаборантите го споредија со акцијашки бидејќи собраа 21 крвна единица исто колку што собираат на организирани крводарителски акции во помали населени места. Додека медицинскиот персонал ги собираше кесите со крв крводарители рекоа дека тоа е така затоа што на одделението секој ден не може да се дарува крв. Тие таму, од почетокот на месецов, доаѓале само во вторник, среда и четврток бидејќи трансфузиологија останала само со еден лекар а сепак успеале за 13 дена да соберат 121 крвна единица.
„Се изненадив кога минатата недела дојдов и не можев да дадам крв. Лекарот беше во амбулантата во која сигурно имаше педесеттина пациенти и не можеше да дојде за да ме прегледа па потоа да можам да дадам крв. Тогаш разбрав дека лекарката отишла во пензија и сега има само еден лекар. Тоа не е добро, бидејќи ова е град на редовни крводарители и на голем број рекордери. Мене денешното крводарување ми е седумдесетто,“ рече крводарител.
Изненаден од објавата на влезната врата на одделението беше и вториот крводарител. Тој годишно дава четири до пет пати крв а денеска дојде за првпат годинава. Рече дека малку го нервира тоа што морал да пополни формулар и да одговори на 16 прашања пред да го засука ракавот и да ја подаде раката .
„Ако мора строго да се придржуваме на деновите вторник, среда и четврток е малку потешко. Мислам дека ќе се откажат многу луѓе. А ова со лекаров е сериозна работа ако се знае дека пред две години на ова одделение беа тројца лекари а сега остана само еден. Нека се прави нешто и за нас бидејќи знаете дека велешани постојано даруваат крв а тоа го знаат и на државно ниво,“ рече крводарителот.
Од службата за Трансфузиологија потврдија дека работат само со еден лекар откако на крајот на декември, лани, началничката замина во пензија. На прашањето дали добиле одговор од Заводот за трансфузиологија во Скопје откако таму лани беше испратено барање за прием на лекар во велешкото одделение рекоа дека не можат да одговорат.