Смет на бреговите на Вардар, на два дена до фрлањето на крстот за Водици!
Граѓаните продолжија да ги загадуваат бреговите и покрај тоа што комуналците чистат.
Пластични шишиња, стари обувки и алишта како и остатоци од храна постојано се фрлаат во водата на Вардар. Во делот од Мало Мовче до Стар Мост граѓаните не престанаа да фрлаат смет на два дена до христијанскиот празник Водици. Тоа што таму треба да се случи во сабота на 19 јануари кога по осветувањето на водата во неа ќе скокнат граѓани за да го фатат светиот крст не влијае врз совеста на велешани. За разлика од завчера, кога во овој дел на градот од десната страна и веднаш под сточниот пазар имаше поголема количина на труло овошје и зеленчук како и закачени пластични ќеси на гранките, денеска очигледно е дека комуналците исчистиле. Но, сепак се видливи нови количини на смет фрлени покрај водата.
Од ЈКП Дервен велат дека вчера и денеска таму чистеле. Обврска на претпријатието е пред празнично интензивно да ги средува бреговите. И тие се изненадени од тоа како само за една ноќ се собрала нова количина на смет. Од таму апелираат да се користат контејнерите и означените места околу градскиот пазар во кои пазарџиите и граѓаните постојано можат да го оставаат сметот кој нивните работници го собираат секојдневно. Комуналците ветија дека и утре, но и во раните утрински часови на празникот ќе го исчистат тој дел од теренот, но апелираат на поголема свесност кај граѓаните.
