Глутница кучиња нападна докторка!
Не е единствена во Велес бидејќи се поголем број граѓани се уплашени и реагираат на слободното движење на кучињата.
Докторка од амбулантата Ташевиќ денеска едвај успеа да се спаси од глутница кучиња кои се „корзираат“ по велешките улици. Ја видел таксист, веднаш запрал до неа и ја отворил вратата од возилото. Докторката влегла и се спасила од глутницата.
Оваа немила случка за Дума.мк ја раскажаа од здружението за заштита на животни Обезбеди живот, од каде веднаш интервенирале во ветеринарната станица. Побарале ветеринарите да излезат на терен и да ја утврдат состојбата со кучињата скитници како во центарот така и на периферијата на градот.
Деновиве во Обезбеди живот се јавиле повеќе граѓани кои кажале дека на неколку локации забележале глутници од кои се плашат.
„Бидејќи е сезона на парење зголемен е бројот и на домашни миленици кои сопствениците ги пуштаат на улица. Меѓу нив забележавме и кучиња загари за што веднаш побаравме помош од ловното друштво Руен да ги замолат сопствениците – ловџии да си ги соберат кучињата од улица“, рече Робертино Васков, председател на здружението.
Според него во оваа ситуација е особено важно да се спроведе акција во која ќе се вклучат ветеринарите и да соопштат како ќе работи стационарот во станицата. Прашуваат, на кој телефон треба да се јавуваат граѓаните кои ќе се најдат во немилост на разгневените кучиња. Животните не треба да се убиваат туку да се згрижат во претстојниот месец, рече Васков.
Но и покрај интервенцијата на граѓанското здружение очигледно е дека на терен не се превземени никакви мерки. Глутница кучиња се шеташе по тротоарите во центарот на градот. Дел од граѓаните уплашено реагираа и коментираа дека особено е страшно да се шетаат на улица ноќе. Рекоа дека за ова ќе ја информираат општината и од таму ќе побараат помош. Ова не е прв пат темата со бездомните кучиња да биде приоритетна за граѓаните бидејќи пред половина година од напад на кучиња настрада петнаесет годишно момче кое бегајќи заврши под гумите на автомобил. Во исто време реагираа повеќе велешани кои на различни локации биле нападнати од кучиња. По ова Вардарскиот плански регион највави дека во Велес ќе гради стацинар кои ќе ги згрижува бездомните кучиња и од останатите општини. Но, до сега тоа не се случи.