Бог се јави – навистина се јави!
Во Повардарскиот регион, денеска, се празнува крштевањето на Господ Исус Христос од страна на светителот Јован, а фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа.
Во Велес во осветените води на македонскиот Јордан, реката Вардар, денеска скокнаа вкупно 108 граѓани а Светиот крстот го фати четириесет и седум годишниот Горан Иванов од населбата Превалец. Тој е вработен како возач во јавното комунално претпријатие Дервен. Иванов е верник и има долг стаж на учество во манифестацијата Богојавление – Водици поточно дваесет пати.
Веднаш по радосниот момент Иванов со неговата тајфа, составена од другарите Зоран Миладинов и Никола Иванов, дојде во зградата на Повардарската епархија каде држејќи ја во раце иконата на Господ Исус Христос него митрополитот Повардарски Агатангел го благослови, му го предаде Светиот крст како и подарокот составен од Библијата и златен крст, привезок за златно синџирче. Годинава дваесеттина поединци и фирми го даруваа Иванов со подароци кои се состоеја од икона, гардероба како и предмети за домаќинство меѓу кои телевизор, двд, соковник и друго.
„Верувајте во Бога и никогаш не ја губете надежта,“ рече Горан Иванов кој од престојната година очекува здравје, среќа и берикет како за себе така и за сите верници на кои им посака мир и спокојство во душите и љубов во срцата.
Денешниот ден, Војордан – Водици, беше особено радосен и среќен за деветнаесет годишниот Александар Ристески кој го фати Светиот крст во реката Луда Мара во Кавадарци. На Ристески денеска му е роденден. Тој веќе неколку години живее во Кавадарци, каде се школува.
„Денеска ми е роденден и неможев да добијам поубав подарок. Многу сум возбуден ама ќе кажам дека сум неизмерно среќен, “ рече Ристески. Нему општина Кавадарци му подари лед телевизор а мантили за капење добија и сите триесет и пет момчиња кои денеска скокнаа по Светиот крст.
Водосвет беше извршен и на браната Моклиште. Таму 40 годишниот Јованче Динев – Јоската, професионален пливач и нуркач, беше насреќниот меѓу деветмината кои скокнаа по Светиот крст. Динев видно возбуден што го послужи среќа прв да доплива до крстот рече дека е среќен што и тој придонел да продолж убавата македонска традиција на одбележување на празникот. „Сите сретства, што ќе ги донираат граѓаните чиј домови ќе ги посетам деновиве, ќе ги подарам на манастирот Свети Никола во селото Моклиште, “ рече Динев.
Исто како лани така и годинава Светиот крство Неготино го фати триесет и три годишниот Дарко Јусуфов од село Дуброво. Тој четврти пат учествува на организираната манифестација Богојавление-Водици за чие одржување годинава се пријавија 33 верници.
„Верувам дека ќе ме следи среќа и ќе бидам здрав. Честит празник на сите православни верници,“ рече Јусуфов.
Манифестацијата и годинава се одржа кај Пепелишки мост каде општината на Јусуфов му подари телевизор. Него го даруваа неколку фирми и граѓани.
Водосветот во Демир Капија се случи на брегот на реката Бошавица. По осветувањето на водата во реката скокнаа десет пријавени верници а најмногу среќа имаше 24 годишниот Блаже Ристов кој од локалната самоуправа доби телевизор за подарок.
Во Повардарскиот регион денешниот ден, Војордан, особено го празнуваат верниците кои го носат името Јордан.