Велешани денеска за Скопје со автобус и такси!
Поради штрајкот на машиновозачите, граѓаните со месечен железнички билет, се откажаа од патувањето со воз. Тие не ни знаеја дека утринава имало воз за Скопје.
Наместо со воз утринава велешани на работа во Скопје патуваа со автобус.
Ниту студентите и учениците кои секојдневно патуваат со месечен билет на релацијата Велес – Скопје и обратно денеска не заминаа со утринските возови.
Станува збор за околу 600 велешани кои имаат извадено месечен возен билет.
По синоќешните информации за штрајкот на машиновозачите најголем дел од нив наместо на железничка се упатија кон автобуската станица.
Освен со автобуси тие од Велес за Скопје заминаа и со такси.
„ Денеска морам да платам превоз со автобус, во двата правци, а имам месечен железнички билет. Незнам што да кажам за ситуацијата на машиновозачите ама јас денеска од мојот џеб ќе извадам дополнителни 300 денари за превоз. Тоа не е малку“, рече велешанец вработен во скопска Железара.
„Не отидов на железничка туку директно идам овде на автобуска станица. За да стигнам на факултет ќе патувам со такси кое ми е скапо,“ рече студент на економски факултет.
Овие патници и не знаеја дека утринава од железничката станица во Велес заминал патнички воз кон Скопје. По него за Скопје заминале уште два.
Откако им ја соопштивме информацијата рекоа дека за враќање прво ќе одат на железничка станица и ќе погледнат дали има или не возови за Велес.