Да се спаси видот на дванаесетгодишниот Рамадан!
На семејството Сеферови, од село Мелница, му помагаат младите волонтери на велешкиот Црвен крст.
„Дванаесет годишниот Рамадан Сеферов го губи видот и не може да гледа. Тој е едно од петте деца на Баки и Мељатка од село Мелница во општина Чашка. Семејството живее во распадната куќа и се бори да обезбеди егзистенција. Освен што лошо живеат сега Сеферови треба да најдат пари и за лекување на своето чедо“.
Ова го напишаа во проектот младите волонтери на Црвениот крст на Велес кој го испратија на градската организација на црвен крст во Скопје од каде им одобрија да организираат хуманитарни активности преку кои ќе соберат сретстава за помош на Сеферови.
Кјутиме Ахмети е одговорна за овој проект. Таа заедно со уште деветмина млади волонтери на велешката организација на црвен крст, сите средношколци, почнаа да организираат донаторски активности со кои собираат финансиски сретства за помош на малиот Рамадан. Синоќа во општинската сала „Бели Мугри“ се одржа хуманитарен концерт а собраните пари од влезници ќе му бидат подарени на семејството Сеферов.
„Ние сакаме луѓето да бидат похумани и да им помагаат на сиромашните семејства. Никој од нас не знае што со него може да се случи веќе утре и дали и нему нема да му затреба помош. Затоа сакам да апелирам до граѓаните да бидат хумани и да се помагаме едни со други,“ рече Кјутиме Ахмети.
На хуманитарниот концерт синоќа во преполната општинска сала настапија групите Соната и Алфа омега, естрадниот уметник Петре Штерјов како и естрадниот уметник Шпат Касапи, групата Шкупи фемили од Скопје како и гостите од Косово, естрадните уметници Ендрид Дураку и Њемза Хусени.
За да му помогнат на малиот Рамадан сега младите волонтери на црвениот крст ќе организираат уште неколку активности.
Штом проектот ќе заврши тогаш сите собрани сретства ќе му ги предадат на семејството Сеферов кога и ќе го посетат малиот Рамадан во неговиот дом во селото Мелница.
Ова е само еден од вкупно десетте хуманитарни проекти на кои во моментов работат деведесет волонтери во Велес.
Сите тие се дел од националниот проект „Црвениот крст во акција – промоција на хуманитарни вредности“