Стоп за ширењето говор на омраза – пријавете го како кривично дело!
Криминалот од омраза не е специфика на ниту една земја, се случува ширум светот и многу е веројатно таквите дела да го поткопаат самото ткиво на заедницата и да доведат до ескалации. Mисиите на ОБСЕ и ОДХР во Македонија, ги обучува граѓанските здруженија, како да се препознае, пријави и спречи овој вид на криминал.
„Криминалот од омраза не е обично кривично дело и не смее да се третира така,“ рече Маркус Ролофс, раководител на одделот за човекова димензија на мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Тој пластично објасни дека графитот напишан на ѕид со навредлива содржина против некоја етничка група не е само кривично дело, штета на имот.
Графитот содржи говор на омраза, навреда која ќе ги разлути луѓето кои и припаѓаат на таа етничка група и можно е да предизвика несакани ескалации.
-„ Јас доаѓам од Германија, каде можам да ви дадам илјадници примери. Таму секоја недела има фудбалски натпревари кои доведуваат до несакани последици. Но, на тоа мора да се реагира. Од една страна мора да реагира државата но мора да реагира и самото општество. Мора јасно да се каже дека таквите дела нема да се толерираат и дека тоа нема да помине неказнето,“ рече Ролофс.
Граѓанските здруженија во Македонија ваквите и слични случаи треба да ги пријават. Особено внимание треба да се обрне на превенирањето.
Медиумите во секоја земја можат да одиграат клучна улога, порачаа од ОБСЕ и ОДХР./Б.Н
