Кој го уби дедо ми, да откријат институциите, бара внуката на Лазо Милошевски!
Објавено: 7 јуни, 2013, во 10:42 часот
Незадоволна е од исходот на судскиот процес за платеното убиство во велешкото село Ореше.
Осум години по убиството на Лазо Милошевски од селото Ореше неговите блиски се уште ја бараат правдата за нивниот татко и дедо. Внуката на Милошевски незадоволна што судот не и ја доставил, дојде во велешкиот суд да ја земе пресудата од судскиот процес кој траеше пет години а заврши со слобода за тројцата обвинети за убиство.
„Не погодува многу, толку многу го сакам мојот дедо што овие пресуди кои ги имаме не ми значат ништо. Ова е само формално што го имаме, процесот за мене ништо не значи и не ми значи ништо од овие пресуди. Ова е само продолжеток на голготата што ние ја поминуваме од првиот ден на убиството па до сега“, рече Соња Арсовска, внука на убиениот.
Во два наврати велешкиот суд ги осуди на по 12 години затвор за убиство обвинетите браќа Ѓорѓиевски, а третиот пат на повтореното судење ги ослободи и нив и Ѓоре Петрески кој беше обвинет дека го нарачал убиството. Заштитениот сведок направи пресврт во случајот кога се одлучи јавно да проговори и да го промени исказот со образложение дека се што кажал лажел под закана, па по тоа сведочеше во корист на обвинетите. Внуката на Милошевски е револтирана од ваквиот исход и се сомнева во работата на институциите на правдата.

„Се шпекулира и за колкава сума е пресудата донесена, јас се знам, се што се случуваше. И сега што очекувате да кажам дека оваа пресуда е правилно донесена. Може ќе беше, но да бевме сослушани ние како што треба. Не навредуваа во судница, а судијата молчеше. Обвинителот не убедуваше дека се виновни и дека ќе бидат казнети, а тие славеа три дена претходно оти знаеја дека ќе бидат ослободени“, рече Арсовска.
Контроверзниот процес и после половинина деценија ја бранува јавноста откако пред десет дена судијата, поранешниот истражен судија, обвинителот, судија од врховен суд, адвокат, новинар и посредници завршија во притвор сите како осомничени за криминални дела поврзани со овој и неколку други судски процеси. И покрај се роднините очекуваат дека обвинителството ќе ја обжали пресудата и се надеваат дека ќе успеат да дојдат до вистината за тоа кој го уби Милошевски./Б.Н.
