Стотина велешанки учеснички на манифестацијата „Напред Розово“!
Објавено: 8 јуни, 2013, во 16:00 часот
Тие заминаа од Велес за Скопје каде вечерва на плоштадот Македонија се одржува манифестацијата „Чекори против ракот на дојка“.
Со автобус и комбе, стотина жени, ќе ја пренесат поддршката од сите велешани. Пред тргнување сите купија розови маички и порачаа дека се подготвени да ги поддржат сите болни луѓе од канцер во борбата со болеста.
-Сите треба да знаат дека постојат луѓе кои несебично сакаат да им помагаат, да им дадат подршка и со нив да ги поделат сите тешки но и убави моменти во животот. Исто така ја користам оваа прилика да ги поттикнам жените на редовни мамографски прегледи. Само така ќе и застанеме на патот на опаката болест бидејќи штом рано се открие полесно ќе се излекува – рече Маргарита Даниловска, претседател на локалното здружение на Борка во Велес.
Присутните на манифестацијата „Напред Розово“ ќе ги поздрават амбасадорот на Сад во Македонија, Пол Волерс, министерот за здравство, Никола Тодоров, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и Зоран Стојковски извршен директор на ЦИРа.
По маршот низ градскиот плоштад Македонија учесниците на манифестацијата ќе присуствуваат на голем концерт на кој учествуваат домашни музичари, поддржувачи на активностите на здружението Борка./Б.Н

