Општина Бар го плати превозот до манастирот Острог, за децата со посебни потреби од Македонија кои се рехабилитираат во Добре Воде!
Посета на манастирот во Острог, прошетки до уште неколку места во близина на Бар, сончање на плажа, по некое капење и пливање во Јадранско море и многу забавни активности во куќата на Хуманитарната фамилија во Добре Воде каде на климатска рехабилитација се 19 децата со посебни потреби од Македонија.
Нив ги придружува родител а за децата од Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ се грижат физиотерапеут и болничар. Сите заедно организирале македонска вечер, на која покажале колку е милозвучна македонската народна музика, лесно за игра македонското оро и вкусна македонската храна.
– Децата покажаа се што умеат и знаат. Многу се среќни бидејќи овде со нас летуваат многу деца и лица со посебни потреби од повеќе балкански земји. Пред нив децата пееја и рецитираа. Добија заслужен аплауз. Славевме родендени и сите беа среќни. Сите се здрави, никој не се разболе. Бидејќи донесовме медицинска сестра и физеотерапеут нема проблеми со терапијата и рехабилитацијата. Се користи секој момент за плажа и капење. Домаќините се неверојатно хумани, сите членови на семејствата на Енис и Ален Ефовиќ, ни помагаат при транспортот на децата и инвалидските колички. Многу сме им благодарни – ни рече во телефонскиот разговор претседателката на Здружението на лица со церебрална парализа, Далиборка Златева.
Сите деца и младинци со посебни потреби кои летуваат во куќата на Хуманитарна фамилија во Добре Воде го посетиле манасирот Острог. И за децата од Македонија превозот го платила општина Бар.
Семеството Ефовиќ е донатор на сите останати прошетки, како и на сместувањето и храната во вилите „Хуманитарна фамилија“ во Добре Воде. Домаќините секоја вечер им организирале забави на кои учествувале културно уметнички друштва, пеачи и музички групи.
Утре завршува климатската рехабилитација на првата група летувалци која по десетдневниот престој на црногорското крајбрежје во понеделник ноќта ќе треба да се врати во Македонија. Втора група на лица со посебни потреби таму ќе престојува на почетокот на септември, годинава. /Б.Н
