Од рехабилитација на Јадранско море во Македонија се врати првата група на лица со посебни потреби!

Објавено: 11 јуни, 2013, во 07:35 часот

Исончани, задоволни и среќни се вратија во Велес, синоќа, децата и младинците со посебни потреби од рехабилитацијата на црногорското крајбрежје во Добре Воде. Мариче ја пречека нејзината мајка, во чии прегратки таа набрзина ги соопшти своите впечатоци од десетдневниот престој на Јадранско море.

– Мамичке, мамичке се беше супер – викаше девојчето со даунов синдром додека ја гушкаше мајка си.

За црвените образи од сонцето кое траги оставило и на рацете на Мариче, сестра и рече дека се дар од сонцето и водата.

Татковци, мајки, дедовци ги пречекаа децата од Велес.

Пријател го чекаше Емре за да заминат дома во селото Горно Јаболчиште. На Емре, кој боледува од церебрална парализа, пријателите со кои летуваше му помогнаа да се симне од автобусот. Додека едни нему му помагаа други се погрижија за неговите помагала.

– Беше многу убаво. Сите се дружевме и се запознавме со нови пријатели од Србија, Босна, Црна Гора. Првпат го видов Јадранско море и доколку ми се укаже можност би отишол повторно – рече Емре.

Од автобусот полека се симнуваа и деветтемина штитеници од Заводот за рехабилитација „Бања Банско“ во Струмица. Повторно сите кој можеа си помагаа, едни со други, додека физеотерапеутот и болничарката побрзаа да ги извадат  инвалидските колички и другите помагала.

Овие деца на паркинг просторот немаше кој да ги пречека. Тие го почекаа комбето со кое требаше да заминат кон заводот во Струмица. Но, тука беше Далиборка и со неа ги поделија преградките за разделба.

– Овие деца се многу чувствителни, тие имаат потреба од внимание и мајчинска љубов како сите нас, вака беше и во Добре Воде. Ме радува што сите поминавме прекрасни десет дена во кои никој не се разболе, што рехабилитацијата помина во најдобар ред и што сите се дружеа и се среќни. Задоволна сум од групата, беа пријателски настроени, се запознаа со сите и достоинствено ја преставивме Македонија. Им благодариме на нашите домаќини од Хуманитарна фамилија- рече претседателката на Здружението на болни од церебрална парализа Далиборка Златева.

Таа ги пронајде донаторите во Црна Гора и годинава повторно ја организираше првата десетдневна рехабилитација за лицата со посебни потреби од Македонија. Првата група ја сочинуваа 19 деца и младинци од Велес, Струмица, Штип и Скопје, придружувани од родител или медицински лица од заводот во Струмица. Втората група во Добре Воде ќе замине во септември.

– Кога ние ќе ги пренесеме впечатоците во Банско не верувам дека ќе има некој од нашите штитеници што нема да сака да отиде на оваа рехабилитација. Се помина во најдобар ред – рече физиотерапеутот Ѓорги Пиљев. Во меѓувреме стигна превозот и тие заминаа за Струмица./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.