Внимателно возете, се ронат карпите на јужниот излез од Велес на патот кон Градско!

Објавено на 14 јуни, 2013 во 12:34

Еден помал дел од карпа и ситни купчиња имаше денеска напладне во банкината, на патот на јужниот излез од градот веднаш под манастирскиот комплекс „Свети Димитрија“. Тој е дел од патот Велес – Градско, кој минува под карпестиот рид, а е доста фрекфентен.

Таму утрово работници на велешката подружница на „Македонија пат“ чистеле но очигледно е дека карпите пукаат и постојано се ронат. Ситни парчиња имаше и на спротивната коловозна лента.

– Можат лесно да завршат на автомобилите и да скршат предно или задно стакло, рекоа неколкумина возачи.

Од јавното претпријатие за одржување на патот рекоа дека таму конфигурацијата на теренот предизвикувала чести одрони на карпата. Дождовите се причина за последните одрони.

–  Последниве две години таму поставивме заштитни обложни мрежи и сметам дека ја подобривме состојбата на тој дел од патот. Инаку таа патна делница е редовно одржувана од делничар кој ја регулира состојбата, рече техничкиот директор Томе Јаневески.

Одроните на карпата се наоѓаат на дел на патот на кој нема поставено заштитна мрежа. На само педесеттина метри погоре мрежа има. Македонија пат не одлучува каде треба да се постави мрежата. Таа ингеренција била на Јавното претпријатие за државни патишта, на полицијата и државниот инспекторат за патишта.

-Се зависи од тоа каде најчесто се појавуваат одрони, а за нив информираат граѓани. Одлуката не ја носиме ние туку ја реализираме поточно само вршиме поставување на мрежата. Оваа година заштитна мрежа поставивме на регионалниот патен правец Валандово-Дојран,- рече Јаневски.

Денеска во соопштението на Авто мото Сојузот на Македонија беше објавена информација за ситни одрони на патот Велес – Градско, во близина на манастирот, со апел возачите да внимаваат кога поминуваат по патот./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.