„Никој како Борец од Велес“, се славеше влезот во Втора лига во центарот на градот!

Објавено: 16 јуни, 2013, во 10:14 часот

Гореа бакљите, се вееја барјаците со ликот на Панко Брашнаров и со црвено белата боја на фудбалскиот клуб Борец, во центарот на Велес синоќа се скандираше и пееше „Борец единствен си во срцето и нема друг верувај ми – Никој како Борец од Велес!“. Навивачката група Гемиџии ја славеше победата на бараж натпреварот, постигнатите три гола и влегувањето на Борец во Втора лига.

Стигнаа и најзаслужните, единаесетмината фудбалери на ФК Борец заедно со тренерите и управата на клубот на плоштадот пред споменикот Коњаник. Атмосферата кулминираше. Сите заедно скандираа и пееја во знак на остварената желба, влезот на екипата во Втората лига. По задолжителното сликање на тимот изјави даде најзаслужната тројка од тимот за вчерашната победа во Битола над фудбалерите на ФК Кораб од Дебар. Тодоровски, Чоков и Лефков ја наполнија противничката мрежа. Но беа скромни и изјавија дека заслужен е целиот тим, тренерите и управата на ФК Борец.

Првиот стрелец на вчерашниот бараж натпревар Милан Тодоровски призна дека ја доживеал  најголемата среќа.

– Не очекував дека ќе бидам прв стрелец иако потајно посакував и тоа навистина се случи. Многу сум среќен. Одигравме тежок натпревар, навивачите беа со нас, не поддржаа тоа ни беше мотив плус за што многу им благодарам.

Голгетерот Димитар Чоков сеуште беше под импресии од натпреварот на стадионот под Тумбе кафе во Битола.

– Иако во првенството дадов над 30 гола овој ми е најдраг и прекрасно се чувствувам. Победивме заслужено.

Стрелецот на третиот гол, на бараж натпреварот, Благој Лефков и се заблагодари на поддршката на верните навивачи.

– Јас ставив крај на надежите на играчите на Кораб. Мило ми е што тоа се случи. Убаво е чувството особено на поддршката на навивачите кои беа нашиот дванаесетти играч. Од септември одиме на нови победи, ќе бидеме конкуренти во Втората лига и ќе се бориме за влез во Прва лига.

На плоштадот пред стоковната куќа беше и управата на ФК Борец. И тие и се радуваа на победата и ја набљудуваа атмосверата во која Гемиџиите пееја, скандираа и заедно со фудбалерите славеа. Тренерската тактика да се одигра натпреварот со полу контри и контри го изненади противникот и беше пресудна за победата, беше првиот коментар на  тренерот Кочо Димитровски.

– Јас ке бидам скромен и ќе кажам, влезот на Борец во Втора лига е 80 отсто заслуга на фудбалерите, 10 отсто заслуга на Управата и 10 отсто моја заслуга. Овие момчиња заслужија победа и влез во Втора лига затоа што цело првенство го одиграа во еден ритам. Имавме сериозен противник во ФК Кораб но нашите фудбалери одиграа добар натпревар, квалитетен во кои мислам дека можевме да постигнеме уште некој гол, – рече Димитровски

Славеше и потпретседателката на ФК Борец, Олгица Пепелашева, но како единствена жена во управата беше најконкретна кога рече се што ветивме ние исполнивме сега на Борец му треба поддршката на пошироката локална заедница.

– Многу сум горда на момчињата, на клубот, тренерите, управата и секако на Велес. Како жена направив се значи создадовме тим, цврст и јак со кои на сите докажавме дека можеме во Втора македонска фудбалска лига. Сега ќе го повикам градоначалникот и сите бизнисмени да застанат зад клубот и да го внесат Борец во Прва лига.

Според претседателот на клубот Кире Јачев се повторува спортската историја и за Борец и за Велес бидејќи и пред 20 години тогашните фудбалери одиграле бараж натпревар за да влезат во повисока лига.

– Заслужено победивме и ги примивме честитките на ривалите од ФК Кораб. Им честитам на фудбалерите и очекувам дека ќе го продолжиме успехот и в година ќе се бориме за првите две места на Втората лига со што ќе обезбедиме пласман за Првата лига. Сега нашата задача е да обезбедиме генерален спонзор, ќе го бараме надвор од Велес. Еве ќе ви откријам дека уште вечерва имав телефонски разговор со Македонец во странство, кој не е од Велес но е заинтересиран за спонзорство и сака градскиот стадион во Велес да го добие под концесија од 20 години- рече Јачев.

Потоа сите заедно, фудбалерите, управата и навивачите заминаа да ја прослават победата заедно./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.