Црно и бело и во боја, за збогум со градинката!
Објавено: 18 јуни, 2013, во 11:36 часот
Креативни и талентирани, облечени во инспиративни костими повеќе од час и половина пееја и танцуваа но и покажаа се што научиле за балет, музика, театар и уметност. Синоќа во амфитеатарот на Младински парк, 210 деца од големата група на градинката Димче Мирчев одржаа манифестација “Црно бело и во боја“.
Тие и нивната програма беа причина поради која до последно место беше исполнет амфитеатарот. Децата на ваков начин повеќе години наназад се збогуваат со градинката бидејќи на есен ќе седнат во ученичките клупи.
– На овој начин сакаме да им оставиме траен белег, впечаток за времето кое го поминале во градинка и да им посакаме убав, успешен живот, да им биде бајка и секако исполнет со музика- рече директорот на детската градинка Анида Цецева.
„Црно бело и во боја“ е проект преку кој установата во изминатата учебна година на децата им ги пренесуваше сите важни информации за светот на уметноста, за балетот, класичната и поп музика. Костимите на 210 деца за синоќешната манифестација ги изработија наставничките и модниот креатор Александра Крнинова. Сценографијата беше дело на вработените во велешки театар./Б.Н



