Велес – точно напладне, полупразен град!

Објавено: 18 јуни, 2013, во 12:24 часот

Помалку граѓани на улица, од вообичаените пазарни денови, а оние кои мораат ги користат сите можни места за одмор и починка под сенка. Жедта се гасне со пиење вода од јавните чешми.

Граѓаните рекоа дека се обидуваат во што пократко време да ги завршат сите обврски кои бараат движење по пеколниот асфалт. Вака беше денеска точно напладне во Велес.  Градоначалникот тврди дека издал наредба и ги задолжил вработените во ЈКП Дервен да проверат дали работат сите јавни чешми и да ги вклучат сите фонтани во градот.

– Општината е во постојана комуникација со Центарот за управување со кризи.Ги следиме сите информации и штом биде прогласена алерт фазата на најфрекфентните места ќе поставиме пунктови на кои ќе има флаширана вода за граѓаните – рече Славчо Чадиев.

Тој најави дека деновиве ќе завршела изградбата на фонтаната на Којник која веднаш ќе била ставена во функција поради пеколната горештина.

Лекарите упатија апел до граѓаните особено до хронично болните, утре и задутре, да не излегуваат на улица во периодот од 11 до 16 часот. Да се конзумира лесна храна и редовно да се зема терапијата. За оние кои мораат препорака за носење лесна облека во светли бои со задолжителна летна капа или чадор за заштита од сонцето.

Според Управата за хидрометеоролошки работи утре и во четврток се очекува Македонија да биде зафатена со температури кои се наоѓаат во жолтата, односно алертна фаза.
Деновите со повисоки температури се очекува да траат до крајот на неделата. Инаку, синоптичарите прогнозираат дека до петок ќе се задржи претежно стабилно и многу топло време со температури помеѓу 30 и 37 степени./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.