Се создаваат фигури, тави, стомни и бардаци во спомен куќата на Рацин!
– Го сакам чувството кога во раце се држи глината и затоа сум овде -рече Сара Кочовска, учесничка во грнчарската работилница во спомен куќата на Кочо Рацин. Сара е едно од петте девојчиња кое годинава на старото колце на Солеви успешно создава вазни и ќупчиња. Таа веќе успеала да научи да подготви глина од која се создаваат традиционални грнчарски садови. Сега си поставила задача да успее да направи велешка стомна.
– Сеуште учам како се создава стомна. Не е лесно, во исто време да ги усогласиш движењето на ногата додека го вртиш колцето со работата на рацете. Но ќе успеам тоа си го поставив како приоритетна задача. Многу полесно ми беше со создавањето на други фигури. Сега е потешко но знам дека ке успеам – рече Сара.
Сара вредно работи заедно со уште девет врсници во работилницата на спомен куќата на Рацин. Покрај неа е и Дамјан Таневски кој дошол во Велес на гости но дознал и веднаш се пријавил да учествува во работата на грнчарската работилница.
– Многу е убаво. Прво научив да ја мешам глината со вода, да биде доволно мека за од неа да создавам производи. Јас направив грне со поклопче на грнчарското колце – рече Дамјан.
И во годинешната група на деца кои учествуваат во работилницата се двајцата правнуци на Рацин. Грнчарот Цветан Шопов ги надгледува и ги воведува во занаетот.
– Изненаден сум од девојчињата. Има таленти и во годинешната група на деца и ќе ми преставува задоволство ако по обуката дел од нив продолжат да учат како се прават велешката стомна, бардак, тава и грне- рече Шопов.
Трета година здружението на граѓани „Разбој“ ја организира работилницата со цел грнчарскиот занает да им го доближи на децата со надеж дека некој од нив ќе посака да продолжи професионално да го изучува.
– И ќе продолжиме со овој проект се со цел занаетот кој на свој начин го симболизира Велес, да создаде потомство, денеска деца а по некоја година професионални грнчари – рече претседателот на здружението, Гоце Станчев.
Засега работилницата ја помага само општина Велес. И покрај тоа што конкурирале за сретства министерството за култура не им одобрило. Но, Станчев рече дека не се откажува и повторно ќе конкурира со проект како кај домашни така и кај странски донатори.
Со цел да не дозволи грнчарскиот занает целосно да изумре во градот,локалната власт, веќе започнала преговори со средното хемиско училиште за насока која ќе го изучува.
– Бидејќи пред деценија, две имаше керамички смер најлесно е тоа да се направи со хемиското училиште. Во преговори сме со раководството грнчарството да се изучува факултативно или да се воведе предмет за децата кои ќе сакаат да го изучуваат – рече градоначалникот Чадиев.
Оваа информација ја слушнаа и децата кои сега работат во грнчарската работилница. Првично, кај две од нив, предизвика внимание./Б.Н
