Маж доживеа топлотен удар при работа на нива!
Објавено: 19 јуни, 2013, во 14:21 часот
Шеесет и четири годишен земјоделец од Раштани денеска паднал и колабирал додека работел во нива, во непосредна близина на селото. Човекот доживеал топлотен удар. Со возило на итната медицинска помош бил префрлен во болницата во Велес.
– По укажаната помош состојбата му се стабилизира – рече др Кирил Лазов од брза помош. Тој и неговите колеги денеска имаат полни раце работа бидејќи граѓаните постојано звонат на телефонскиот број 194 и бараат интервенција во домашни услови.
– За 10 -15 отсто е зголемен бројот на побарани лекарски интервенции и најмногу од страна на граѓани со хронични проблеми на кардиоваскуларниот систем, – рече др Лазов.
Лекарите порачаа да не се излегува надвор без некоја особена причина. Препораката се однесува за сите граѓани но посебно е наменета за децата и повозрасните.
Деновиве додека траат пеколните жештини треба да се зема лесна храна и да се пијат течности. Хронично болните задолжително да ја користат препишаната терапија. Граѓаните кои мораат да се движат на улица треба да бидат облечени во светла облека, да носат капи и очила за сонце, советуваат лекарите./Б.Н

