Велешани сепак заработија на Трамп во втората кампања за Претседател на САД и не само од лажни вести
09.02.2021
Стари екипи составени од млади луѓе од Велес, повторно организирано работеа во последните три недели од кампањата на последните Претседателските избори во САД и заработија пари на сметка на претседателскиот кандидат Доналд Трамп. И овој пат, се спомнуваат вртоглави суми на пари што ако се спореди со тоа што се случуваше пред пет или шест години печалбата треба да е помала.
Извори за Дума.мк потврдија дека не може да се прецизира точно бројот на групите кои се втурнале во брзата заработувачка на пари како и бројот на нивните членови. Имало полнолетни ама и малолетни сограѓани. Најсреќните успеале да „ќешираат“ и 50.000 или 70.000 долари. Повторно заработувачка од соништата, само што овој пат фокусот не бил ставен само на лажни вести.
Постоела и солидарност ако се земе во предвид фактот што оваа бизнис идејата брзо се раширила меѓу нив.
-Седиш во кафетерија и го слушаш разговорот на соседната маса и разбираш дека не мора да споделуваш лажни вести туку можеш, ако имаш среќа, да заработиш од продажба на пример на паричка со ликот на Доналд Трамп. Сепак онлајн работата тргна многу доцна. Не се споредува со претходната претседателска кампања кога се работеше со лажни вести и тоа би рекол траеше со години. Овој пат стартот беше отприлика три недели пред денот на изборите и траеше до соопштувањето на официјалните резултати. Поточно, се додека онлајн платформата за продажба на паричките со ликот на Доналд Трамп не направи блокирање на лажните профили кои преку нови социјални мрежи вршеа продажби на производите, рече момче со „брзи прсти“ од Велес.
Оваа монета со ликот на претседателскиот кандидат Трамп за 29 долари се продава на позната платформа за продажба на дигитални и физички продукти. Ја пронашле и велешани кои преку креирани лажни профили на социјалната мрежа MeWe.com ја продавале и од неа заработиле по 20 долари од парче. Тие ги продавале и другите производи како капи, шалови, маички, шољи за кафе, заштитни маски со ликот на Трамп но од нив заработувачката била помала.
Каков бил начинот на брза заработувачка?
Велешките „продавачи“ преку социјалната мрежа MeWe.com вледувале во групи на поддржувачи на републиканците во САД. Ги следеле нивните организирани настани и собири. Исто така следеле и коментари на личните профили на поддржувачите каде ја споделувале рекламата за паричката со ликот на Трамп. Тие користеле и рекламирање во директни пораки до граѓаните во САД кои го поддржувале овој претседателски кандидат.
Дел од „продавачите“ на паричката реобјавувале вести од републиканската изборна кампања на сопствените веб портали, подигнати пред шест и повеќе години. Потоа реобјавите ги споделувале преку лажните профили на MeWe.com. Читателот штом кликне на веста прво се појавува рекламата со паричката. Потребен е втор клик, со кој се купува производот, па се отвора веста за читање.
Пребарувајќи ја светски познатата платформа за продажба на дигитални и физички производи, која врши продажба на производите со ликот на Трамп, се доаѓа до констатација дека таа врши исплата на повеќе начини од кои два се достапни за исплата во Северна Македонија. Првиот е со SWIFT или IBAN сметка а вториот е преку PayPal. Токму PayPal не го открива идентитетот на продавачот, земјата и градот од каде се нуди продажбата, што значи дека може да се употреби и со лажен идентитет.
Но платформата го открила целиот начин на брзата заработувачка на велешани. Тогаш на одреден број на велешки „продавачи“ им ја стопирала продажбата поточно им ги ставила на „stand by“, во рок од 90 дена, парите што треба да ги добијат од последните продажби.
Официјално тие немаат известување што ќе се случи со нивните последно заработени пари и дали воопшто ќе ги добијат. Но, тоа се случило откако на веќе голем дел од нив им стигнале исплати со вртоглави дневни и неделни суми.
Оваа паричка, со ликот на Доналд Трамп, се промовира и сеуште се продава на дигиталната платформа. Паричката може да се купува низ цел свет. Статистички гледано таа сепак е еден од најпродаваните производи на познатата платформа.Колкав е придонесот на велешките „продавачи“ во нејзината голема популарност дополнително треба да се истражува.
Убавка Јаневска