Судијата Иле Танев ќе се брани од слобода
Кривичниот совет на Основниот суд Скопе 1, ја прифатил гаранцијата што ја понудил ИлеТанев, судија на Основниот суд во Велес и дозволил тој да се брани од слобода до правосилноста на пресудата.
Судијата Танев беше осуден во предметот „Ликвидација“ за злоупотреба на службената положба и овластување и за примање поткуп на казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци.
Но, на одлуката да му се дозволи на Иле Танев да се брани од слобода, обвинителката Лиле Стефанова поднела жалба, па се очекува деновиве да одлучи Апелациониот суд. Ако одлуката биде потврдена, судијата Танев ќе излезе од истражниот затвор.
Во меѓувреме, мерката притвор со куќен притвор му беше заменета на новинарот Томислав Кежаровски. И на оваа одлука се жалеше обвинителката, но Вишото обвинителство оцени дека жалбата на Основниот обвинител е недопуштена и беспредметна, па апелациониот суд ја потврди одлуката за куќен притвор. Кежаровски е осуден ан 4,5 години затвор.
Танев, заедно со групата обвинета и осудена во „Ликвидација“, беа упасени на крајот на мај 2013 година и осудени на казни затвор од една до седум години. Во притвор се и обвинителот Ивица Ефремов и адвокатот Валентин Зафиров кои беа осудени на казни затвор во траење од четири и пол, односно пет и пол години.
Пресудата за случајот „Ликвидација“, која е напишано на околу 130 страници минатата недела беше доставена на обвинетите, по што почнуваат да течат роковите за жалба.
Сите одговараа за пропусти кои ги направиле околу предметот „Ореше“. Во пресудата, во делот на посебните истражни мерки, судот цитира повеќе прислушувани разговори помеѓу судијата Иле Танев и обвинителот Ивица Ефремов, комуникација на Танев со Сабаедин Џими Хофман, како и разговори на обвинителот Ефремов со адвокатот Валентин зафиров и со таткото на браќата Ѓорѓиевски, обвинети за убиството. Полицијата ги следела и ги снимала обвинетите 14 месеци на разни локации во Велес и Скопје, нивното движење, контакти, договори, седење во ресторани.
Во меѓувреме, Основниот суд во Велес, за 12 февруари го закажа стартот на судењето за убиството во „Ореше“ кое треба да почне одново по четврт пат, откако апелација ги укина и пресудите каде што беа изречени затворски казни од по 12 години и ослободителната. Овој пат судењето против браќата Љубе и Ордан Ѓорѓиевски и против Ѓоре Петровски, обвинети дека извршиле нарачано и платено убиство ќе биде пред комплетно нов судски совет.
С.Димовски